Зеленски вели дека нема да има војна против Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски не гледа зголемен ризик од војна и покрај руското признавање на самопрогласените републики во Донецк и Луганск на истокот од Украина.

„Веруваме дека нема да има голема војна против Украина“, изјави Зеленски во Киев по средбата со естонскиот колега Алар Карис.

Зеленски изјави дека во случај на дополнителна ескалација ќе воведе вонредна состојба. Ги отфрли брањата на лидерите од одметнатите проруски региони да ги повлече силите од делови на регионите Донецк и Луганск кои се под контрола на Киев.

„Не разговараме со нив. Не знаеме кои се тие“, изјави Зеленски како што и во минатото ги одбиваше повиците на рускиот претседател Владимир Путин украинскиот претседател директно да разговара со челниците на самопрогласените „народни републики“.

Рускиот претседател во понеделникот ноќта ја призна независноста на Донецк и Луганск. Неколку часа подоцна нареди и испраќање засега непознат број руски војници, коишто ги нарече „миротворци“, во областа за обезбедување на тамошното население кое изминатите години главно зема и руско државјанство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.