Еден возач на патничко возило загина во железничка сообраќајна несреќа, соопшти СВР Скопје, информирајќи за сообраќајните незгоди што изминатото деноноќие се случиле на подрачјето на Град Скопје.
Според билтенот на СВР Скопје, изминатите 24 часа во три од вкупно девет сообраќајни незгоди потешко повредени се две лица, а едно се здобило со лесни телесни повреди. Во пет сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.
Полицијата санкционирала 17 возачи кои се движеле со поголема брзина од дозволената, двајца кои возеле под дејство на алкохол и девет возачи пред да се стекнат со правото на управување моторно возило.
Од сообраќај биле исклучени и две технички неисправни и пет нерегистрирани возила. Полицијата издала и 96 казни за непрописно паркирање, а со специјалното возило „пајак“ биле подигнати 72 возила.
Санкционирани се и седум возачи кои поминале на крстосница на црвено светло, девет за неправилно престројување, пет за неправилно престигнување, еден возач кој не дал првенство на минување на возила во зона на крстосница, двајца возачи кои не поседувале зимска опрема во возилата, 19 за неносење сигурносен појас и 12 за користење мобилен телефон. Санкционирани се и шест пешаци кои поминале на црвено светло.
МИА