Земјоделци од скопско идниот петок ќе ја блокираат обиколницата поради неисплатени обештетувања од пред две години

Разочарани земјоделци денеска протестираа пред Министерството за земјоделство поради неисплатата на штетите од елементарните непогоди во 2018 година.

-Ние со последните напори бараме решение бидејќи деловите од Арачиново и неколку села од Гази Баба имаат претрпено огромни штети од невремето во 2018, но до ден денес не е исплатена штетата иако од страна на владата и министерот имаше ветување дека ќе се реши, но нема ништо од тоа, велат разочараните земјоделци.

Тие најавија и доколку до идниот петок не се исплатат парите за штетите ќе ја блокираат скопската обиколница кај клучката во Стајковци.

По ова земјоделците беа примени и на средба со дополнителниот министер Цветан Трипуновски. Тој сподели и статус на својот Фејсбук профил во врска со средбата.

„Денеска се сретнав со земјоделци од Арачиново, Стајковци, Брњарци и други села од скопско. Тие во форма на Иницијативен одбор дојдоа да го искажат својот револт од власта, која 3 години ги лаже и не им ги исплаќа обештетувањата од невремето од 2016 и 2018 година, како и субвенциите за изминативе години.

Трајан Димковски и Зоран Заев три години не им ги исплаќаат обештетувањата за штетите кои ги претрпеле од невремето, иако истите имаат уредна документација.

Земјоделците од Арачиново, Стајковци и Брњарци како што ме информираа се лажени од Трајан Димковски во неколку наврати, како и од други претставници од власта, кои ветувале исплата, ама не ја реализирале.

Оттука ја повикувам власта, Оливер Спасовски како технички премиер и Трајан Димковски, како МЗШВ веднаш да пристапат кон исплаќање на обештетувањата на земјоделците и субвенциите кои им ги должат.

Доколку СДСМ не го стори тоа, ВМРО-ДПМНЕ веднаш по формирањето на владата по 12 април ќе ги исплати сите заостанати обврски кои Зоран Заев со години не ги исплаќал“, стои во постот на Фејсбук.