Земјотрес на изборите во Романија: Фаворитот испадна, тврдиот десничар неочекувано води

Кандидатот на тврдата десницата и жесток критичар на НАТО и челничката на центристичката опозиција се најверојатните ривали во вториот круг од претседателските избори во Романија на 8. декември, според резултати од неочекуваниот прв круг од изборите кои би можеле да ја доведат во прашање непоколебливата проукраинска позиција на официјален Букурешт.

По пребројани 99 отсто од гласовите, 62-годишниот независен кандидат Калин Џорџеску (Георгеску), кој се кандидира со поддршка на крајната десница и е наречен проруски кандидат, освои 22,9 отсто од гласовите, а кандидатот на Либерално-конзервативната реформска партија Да ја спасиме Романија (USR) Елена Ласкони е на второ место со 19,2 отсто од гласовите.

Благодарение првенствено на романските гласачи во странство, таа напредуваше пред социјалдемократскиот премиер Марсел Чиолаку, за кој се веруваше дека лесно ќе победи во првиот круг.

Според излезните анкети синоќа, 56-годишниот Чолаку изгледаше како победник во првиот круг на изборите и побрза да им се заблагодари на своите гласачи кои му дале таков „кристално чист“ резултат, но повика да се почека целосното пребројувањ. на гласови за да се знае со кого ќе се соочи 8 декември.

Педесет идвегодишната Ласкони, пак, синоќа повика на претпазливост, наведувајќи дека „резултатите се многу блиску и сѐ уште не е време за славење“.

Претседателот на романската држава ја одредува надворешната и безбедносната политика на земјата, е врховен командант на армијата и е вклучен во работата на тајните служби. Ја претставува земјата на самитите на ЕУ и НАТО и назначува премиери, главни судии, обвинители и шефови на тајни служби.

Актуелниот претседател Клаус Јоханис, цврст украински сојузник со германско потекло кој имаше и амбиции да стане нов генерален секретар на НАТО по заминувањето на Јенс Столтнеберг, не можеше повторно да се кандидира по двата мандата.

Со пет отсто до вториот круг

Пред изборите, анкетите му дадоа на Џорџеску само пет отсто од гласовите.

Политичкиот коментатор Раду Магдин вели дека разликата меѓу едноцифрената поддршка пред изборите и неделниот резултат е без преседан од падот на комунизмот во Романија во 1989 година.

„Никогаш во нашите 34 години демократија не сме виделе таков скок во анкетите“, истакна Магдин.

Новиот претседател ќе се соочи со забавена економија, корекција на буџетот на Романија со најголем дефицит во Европската унија и притисок за исполнување на целите на НАТО за одбранбени трошоци, особено за време на новиот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД.

За време на кампањата, кандидатите најмногу се фокусираа на зголемените трошоци за живот и на најголемиот број луѓе во ризик од сиромаштија во ЕУ.

Џорџеску, поранешен член на екстремно десничарската Алијанса за обединување на Романија, го нарече ракетниот одбранбен штит на НАТО инсталиран во романскиот град Девеселу како „срам за дипломатијата“, фрлајќи сомнеж дека НАТО ќе заштити која и да е од своите членки, особено источните, во случај на напад од Русија.

„Ние сме силни и храбри, многумина од нас гласаа, уште повеќе ќе гласаат во вториот круг“, рече Џорџеску во неделата доцна ноќта.

Кристијан Андреј, политички консултант со седиште во Букурешт, смета дека резултатот што го фаворизира Џорџеску изгледал како „голем протест или бунт против естаблишментот“.

„Главните политички партии изгубија контакт со обичните Романци“, рече тој. „Немате силни кандидати или силни лидери… има слаби кандидати, слаби лидери, а партиите генерално се доста разединети.

Градоначалникот на мал град

Ласкони, поранешен новинар, се приклучи на Унијата за спас на Романијa (URS) во 2018 година и стана лидер на партијата оваа година. Во два мандата беше градоначалник на Кампулунг, мал град со 25.000 жители и е за зголемување на трошоците за одбраната и помош за Украина.

Романија дели 650 километри долга граница со Украина, а од руската инвазија, таа овозможи извоз на милиони тони жито преку нејзиното црноморско пристаниште Констанца.
Беше вклучена и во воена помош за Украина, вклучително и предавање на батеријата за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Политичкиот коментатор Серхио Мискои, од Универзитетот Бабес-Бољај, не ја исклучува „руската интервенција“ во добриот резултат на Џорџеску.

„Со оглед на неговиот став кон Украина и јазот меѓу анкетите и вистинскиот резултат, не можеме да го исклучиме тоа“, вели Мискои без да појасни во што би се состоела наводната „руска интервенција“.

Резултатите од неделата се едно од најголемите изненадувања на посткомунистичките избори во Романија, со елиминацијата во првиот круг на лидерите на левичарската Социјалдемократска партија (PSD) и централно-десничарската Либерална партија. Тие две партии се дел од владејачката коалиција.

Според неговата веб-страница, Џорџеску има докторат по педологија, гранка на науката за почвата, и имал различни позиции во романското министерство за животна средина во 1990-тите. Помеѓу 1999 и 2012 година, тој беше претставник на Романија во националниот комитет на Програмата на Обединетите нации за животна средина.