Земјите од ЕУ прават напори да ги смират тензиите со Иран, не се согласуваат со Американците за ова

Земјите од ЕУ се обидуваат да ги смират тензиите во регионот на Персискиот залив и го повикаа Иран да се придржува до нуклеарниот договор од 2015 година и покрај повлекувањето на САД. Џереми Хант, министер за надворешни работи на Велика Британија, изјави дека се уште има време да се спаси договорот за нуклеарна енергија со Иран.

Хант порача дека и покрај тоа што Британците се најблиски сојузници со Соединетите Американски Држави, тие не се согласуваат околу тоа како треба да се носат со „иранската криза“.

„Иран е далеку од развој на нуклеарна бомба. Се уште има шанси договорот да се спаси“, изјави шефот на британската дипломатија за новинарите по доаѓањето на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел.

Како што пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“, целта на состанокот во Брисел е да се утврди како да се убедат Иран и Соединетите Американски Држави да ги намалат тензиите и да иницираат дијалог, додека постојат стравувања дека договорот од 2015-та година е блиску до целосен распад.

Хант кој се надева дека ќе стане премиер на Велика Британија, изјави дека иако се согласува со Соединетите Американски Држави во врска со прашањето околу пронаоѓањето на долгорочно решение за регионалното влијание на Иран, сепак не се согласува со моменталниот пристап на Вашингтон.

„САД знаат дека ги сметаме за нашиот најблизок сојузник и веруваме дека сојузот помеѓу Велика Британија и САД веќе 75 години се темели на глобалниот мир и просперитет, но пријателите понекогаш не се согласуваат“, изјави Џереми Хант.

Британскиот министер додаде дека ова е една од ретките прилики кога Лондон и Вашингтон не се согласуваат, но тоа не значи дека двете земји не соработуваат многу блиску во потрагата по мирот.

Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, во Брисел во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ рече дека сè уште не е доцна, но дека Иран навистина мора да ги исполни своите обврски.

На својот редовен месечен состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ, исто така, побараа дополнителна поддршка за нивниот трговски систем во форма на размена со Техеран со цел да се заобиколат можните американски санкции. Десет земји веќе ја поддржаа оваа иницијатива.

Иран соопшти дека му е потребно да се подобрат економските врски со Европа откако САД повторно воведоа остри санкции врз иранскиот извоз на нафта, што дополнително ја влоши економската криза и ја собори вредноста на локалната валута.

Франција, Велика Британија и Германија, кои потпишаа меѓународен договор за нуклеарната програма на Иран, вчера ги повикаа иранските власти да ги смират тензиите и да го продолжат дијалогот.

„Загрижени сме дека договорот постигнат во 2015 година ќе пропадне под притисок на санкциите наметнати од страна на САД и одлуката на Иран да не примени одредени обврски од договорот“, се вели во заедничката изјава што ја пренесе Елисејската палата.

Трите земји, во изјавата, изразија длабока загриженост во врска со неодамнешните настани во Заливот и влошувањето на безбедносната ситуација во тој регион.