Земјите од Западен Балкан се заложија за засилена економска соработка

Претседателите на осум земји од Западен Балкан синоќа во Дубровник се заложија за зајакнување на економската соработка во регионот, која беше попречувана поради војните во последната деценија на минатиот век.

Ги повикувам лидерите да го поддржат водењето на политика поволна за регионалната економска соработка, изјави хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ во обраќањето на средбата на врвот на западнобалканските држави в Дубровник.

Јосиповиќ, без да посочи конкретни имиња, предупреди дека определени политички сили продолжуваат да се спротивставуваат на таа соработка.

– Заостануваме далеку назад зад ЕУ што се однесува до економскиот развој, рече Јосиповиќ.

Вчера во Цавтат, во близината на Дубровник, се одржа и бизнис-форум на кој се собраа стотина бизнисмени од регионот за да ги разгледаат потенцијалните можности за соработка, поконкретно во прехранбената индустрија, енергетиката и туризмот.

За денеска е предвидено шефовите на држави да имаат неколкучасовна средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

– Нејзиното доаѓање покажува интерес на Европа кон регионот, рече Јосиповиќ. Тој ги определи Хрватска и Словенија, двете западнобалкански земји-членки на ЕУ како распространувачи на европската политика на Балканот.

МИА