Жена ќе го суди Суперкупот меѓу Ливерпул и Челзи

Французинката Стефани Фрапар, ќе испише историја во светскиот и европски фудбал.

Таа ќе биде првата дама која ќе ја дели правдата на натпревар во машка конкуренција,а  кој е под капата на УЕФА и тоа за трофеј.

Имено 35-годишната Французинка, ќе биде главен судија на претстојниот УЕФА Суперкуп што ќе се игра на 14 август во Истанбул, каде ќе се сретнат англиските ривали Ливерпул, како победник во Лигата на шампионите и лондонски Челзи кој триумфираше во Лига Европа.

Фрапар, која го носи знакот на ФИФА од 2009-тата година, го судеше финалето од Светското првенство за жени помеѓу Холандија и САД минатиот месец во Франција.

Инаку од 2011-тата таа суди во Третата, а од 2014-тата и во Втората машка француска лига, а од април годинава Фрапар ја дели правдата и на натпреварите во елитната Лига 1.

Таа ќе предводи женска судиска тројка, во која уште ќе бидат Мануела Николози и Мишел О‘Нил, додека четврти судија ќе биде Турчинот Џунејт Чакир.

„Стефани во изминатите години се докажа како една од најдобрите фудбалски судијки, не само во Европа, туку и низ цел свет. Таа има способност да суди на најголемата сцена, што го докажа во финалето на Светското првенство за жени“, изјави шефот на судиите во УЕФА Роберто Розети.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.