Зенит пресилен за Вардар

Импресионираните фудбалери на македонскиот шампион Вардар и резултатски и играчки лошо дебитираа во групната фаза во Лига Европа, откако во четвртокот вечерта рускиот претставник Зенит ја покажа својата моќ и заслужено славеше во Скопје со 5:0.

Ова инаку е прв пораз на „црвено-црните“ на домашен терен во европските настапи оваа сезона.

Два гола постигна Александар Кокорин во 6 минута и во 21-та, по еден реализираа Артем Ѕјуба во 39-та, Бранислав Ивановиќ во 66-та и Емилијано Ригони во 90 минута.

Во истата група убедлив беше и Реал Сосиедад кој во Сан Себастијан го совлада Розенборг со 4:0. Двоен стрелец беше Љоренте во 9-та и во 77 минута, Зурутуза погоди во 10-та, а автогол во 42 минута постигна Скјелвик.

Вардар во второто коло на 28-ми септември ќе игра против Розенборг во Трондхајм, Зенит, пак, на стадионот „Крестовски“ ќе биде домаќин на Реал Сосиедад.