Жерновски ги опструираше Вардар и Самсоненко, а чека пред хотел во Келн да се фотографира

Навивачите на Вардар реагираат на однесувањето на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кој е забележан во хотелот „Радисон Блу“ во Келн и ги чекал ракометарите и сопственикот Сергеј Самсоненко да се фотографира со новите европски ракометни шампиони.

Пред три години, кога Самсоненко на јавна аукција купи локација зад Источната трибина на градскиот стадион во скопскиот парк за да изгради младински тренинг центар, Жерновски држеше прес-конференција пред Арената „Филип Втори“ обвинувајќи дека тогашниот премиер Никола Груевски и Сергеј Самсоненко се договориле сопственикот на Вардар евтино да ја купи локацијата и да градат заедно згради наместо младински тренинг камп.

Жерновски свесно лажеше, зашто добро знаеше дека никој друг не се јави на аукцијата, иако беше слободно за секој и токму затоа беше поевтино земјиштето. Знаеше и дека во ДУП е предвидено исклучиво спортско игралиште и дека не може да се градат згради. Жерновски свесно лажеше со умисла, знаејќи дека нема никакви аргументи.

Жерновски во изјавата тогаш рече дека Самсоненко и Владата направиле криминоген договор.

„Општина Центар донесе едногласна одлука уште пред една година, без разлика на партиската припадност на општинските советници со која се бара враќање во владение на градежното земјиште на општината. Цела една година очекуваме одговор од Министерството за транспорт и врски, но сега одговорот е јасен. Оние од власта, кои што се претставуваат како патриоти и домаќини, ја продадоа атрактивната парцела меѓу арената Филип Втори и Паркот на Франкофонијата за 40 евра по метар квадратен. Продавање на атрактивна земја за 40 евра е криминогено и безмилосно раскрчмување на атрактивно земјиште. Од првичните 2420 денари, со наддавање почетната цена е зголемена замислете „за цели 220 денари“. Повторно Владата го продава она што не е во нејзина приватна сопственост. Ние немаме против спортски активности, но секако имаме против раскрчмување на земјиштето“, рече тогаш Жерновски.

Во меѓувреме тренинг кампот на ФК Вардар е изграден и функционира со стотици млади деца и родители кои ги чекаат, РК Вардар стана европски шампион, а Жерновски седи во „Радисон Блу“ во Келн и без срам чека да се слика со шампионите.