Жесток говор на Александар Николоски за разобличување на материјализмот на Сашо Мијалков

Додека ВМРО ДПМНЕ се соочуваше со тешки моменти, одење во опозиција, лица како Сашо Мијалков истовремено го зголемуваа својот капитал, добиваа удел во хотел, променуваа сопственост во земјоделски задруги, формираа компании и акции во банки. И практично се доведе во ситуација едните да се бориме да го одржиме ВМРО ДПМНЕ на власт затоа што силно верувавме дека постојат идеали, и дека се соочуваме со зло како СДСМ и Заев, а тие другите се бореа за власт само да го заштитат своето лично богатство и личен комодитет и затоа прават се’ сега за да себе си се заштитат, вклучително и коалиции со оние против кои ВМРО ДПМНЕ жестоко се бори, а тоа е СДСМ.

Ова го рекол во своето обраќање пред членовите на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, вчеравечер, Александар Николоски, потпретседател на партијата.

Ексклузнивни детали од седницата на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ открива порталот „Економски Лидер“ преку брифинг од партиски извори.

Повикувајќи се на сопствени извори кои присуствале на седницата, порталот пипува дека дека еден од позвучните говори го имал токму Александар Николоски, кој нагласил дека е потребно да се стави крај со матното минато на партијата и луѓето кои се најодговорни за тоа.

Николоски, понатака, рекол дека има луѓе кои се материјалисти и идеалисти. И додека едни се бореле за идеали за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, други се бореле за зголемување на своето лично богатство, и за заштита на својот капитал.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ на своите сопартијци им открил детали за тоа како Сашо Мијалков и’ помагал на власта да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието.

Токму лицето Сашо Мијалков во изминатиот период ги посетуваше дома пратениците од ВМРО ДПМНЕ, заедно со луѓе, кои со себе носат и работи кои не се својствени за нормални луѓе, и вршеше агитирање да го поддржат договорот. Дел се уплашија, а дел не потклекнаа. Тие што на прва одбија, веднаш беа „обработени“ со заштитен сведок, а една пратеничка која не е опфатена со случајот „27 април“, ниту со СЈО, а која гласаше за уставните промени „сосема случајно“ е во роднинска врска со Мијалков, им рекол Николоски на сопартијците.

Тој понатака кажал дека токму идеалистите биле репресирани во изминатиот подолг период во партијата, па дури и биле разрешувани од партиските органи, додека другите си ги зацврстуваа позициите и ределе свои луѓе за материјално да се обезбедат.

Сето тоа се редеше под тепих, и се надевам дека такво нешто никогаш во иднина нема да се случи. ВМРО ДПМНЕ не може да има хипотеки и дека тој камен кој ја влече надолу партијата треба да се отфрли, дополнил Александар Николоски.

Во своето обраќање до членовите на Централниот Комитет направил разлика и помеѓу луѓето кои кодошат, и пренесуваат информации. Според неговите тврдења лица во Брисел пренесувале погрешни информации дека наводно раководството на ВМРО ДПМНЕ правело притисоци врз пратеници да не гласаат за уставните измени, наместо да одлучат по свое лично убедување.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ својот настап го завршил со предлог општинските комитети да поведат постапка за исклучување на Никола Тодоров и Сашо Мијалков од партијата, и дека секогаш во минатото ВМРО ДПМНЕ расчистувала со кадрите кои работеле против политиките на партијата и дека тоа е она што мора сега да го направи. Предлогот на Николоски бил едногласно усвоен од сите членови на Централниот комитет.