Жежов: Договорот за добрососедство е неприфатлив, штетите не ќе можат да се санираат

– Тоа според мене е делот што се однесува за заедничка историја меѓу Република Бугарија и Република Македонија. Тоа во целост е неприфатливо за РМ, бидејќи онака како што го дознаваме од медиумите во таква форма, задира во македонските државни и национални интереси, задира во идентитетот, задира во суштината на македонскиот јазик и македонската историја, истакна Жежов.

Потенцира дека за нас е неприфатливо бидејќи ќе биде штетно, а последиците, вели Жежов, ќе бидат долготрајни и тешко ќе може да се санираат некогаш. Затоа, истакна тој, треба многу да се внимава што се потпишува.

– Одговорноста за евентуалното потпишување секако ќе си ја сносат страните, лицата кои ќе го направат тоа. Јас како историчар можам да предупредам какви последици има во делот каде што сум стручен. Претпоставувам дека според дел за двете страни е токму овој дел за т.н. заедничка историја. А тоа што помина во јавноста, се прифати од македонска страна, повторувам дека ќе биде со трајни, штетни последици за Република Македонија. Затоа апелирам да се внимава што се потпишува, посочи Жежов.

Тој додаде дека во Бугарија се гледа извесна доза на триумфализам и повторување работи кои се негативни за нас како македонски народ и воопшто за Република Македонија.

-Најпроблематичен дел според мене е тоа што во овие моменти се политизира историската наука и длабокото навлегување на политиката во науката е секако штетно и од секогаш било штетно. Тоа што сме го говореле ние со нашите колеги историчари од Бугарија останува поврзано со историјата, ние многупати со нив сме имале различни мислења по суштински прашања, меѓутоа тоа не не спречувало да седнеме и да разговараме со научни факти. И доколку сега политиката се вмеша во научниот дел ќе биде многу штетно и ќе биде погубно, порача Жежов.

Тој истакна и дека доколку се прифател членот за заедничка историја на двете држави ќе се исечат корените на македонскиот идентитет  и тогаш ќе излезе дека Македонците ја признаваат тезата дека се настанати како вештачка нација.

-Македонскиот народ и бугарскиот се два различни народи, имаат сличности во одредени делови, но тие се различни и не можеме да зборуваме за заедничка историја за време на Илинденското востание, за време на Втората светска војна, што ќе славиме ние кога во Втората светска војна поголемиот дел од Македонија била под бугарска окупација. Ниту еден Бугарски војник не дојде во Македонија да помогне околу Илинденското востание

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.