Зголемен е бројот на лицата кои се згрижени на одделот за болни или позитивни на Ковид-19 во Општа болница со проширена дејност во Кочани, откако пред три дена таа почна да прима дел од пациентите во Клиничката болница во Штип.
Иако првично било планирано да се примаат пациенти од кочанскиот микрорегион, поради преполнетоста на штипското инфективно одделение, веќе се згрижени болни и од другите општини.
-Во моментот имаме осум позитивни пациенти и седум за кои го очекуваме резултататот од тестот за Ковид-19. Освен од Кочани и населените места во околината, веќе имаме и пациенти од Штип и другите општини во источниот регион. Тие се сместени во рамки на одделението за интерни болести, при што просторот е физички изолиран од останатите простории, а обезбеден е и посебен влез. За жал, немаме инфектолог откако колегата специјалист на почетокот на здравствената криза помагаше во штипската болница, а во јуни се пензионираше. Дел од пациентите се со полесни симптоми, а за сите нив здравствената грижа ја обезбедуваме со двајца анестиолози и двајца интернисти, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани.
Тој нагласи дека влошувањето на состојбата со коронакризата доаѓаат сè помлади пациенти кои се со потешки симптоми, поради што таквите случаи ги упатуваат на лекување во Скопје.
Поради ангажирањето на персоналот и просторните услови за потребите на ковид-одделот каде има обезбедено 25 легла, со намален интезитет работи интерното одделение во Општата болница, а лекарите имаат продолжени дежурства.
Според Серафимов, ако продолжи да расте бројот на пациенти на кои им е потребно болничко згрижување, се планира да се адаптираат просториите на одделението за физикална терапија каде има десетина боксови. Тоа е привремено решение, со оглед што во Кочани треба да се постави модуларна монтажна болница во рамки на регионалниот ковид-центар, а за што се чека на потпишување договор со Министерството за здравство.