Зголемен ризик од срцев удар со секојдневна употреба на канабис

Истражувачите од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија денеска објавија студија, според која секојдневната употреба на марихуана го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Според истражувањата, луѓето кои секојдневно користат канабис имаат 34 отсто поголеми шанси да имаат коронарна артериска болест, најчеста форма на срцева болест, во споредба со оние кои никогаш не користеле дрога, пренесува Блумберг.

Претходните студии покажаа дека пушачите на канабис, особено помладите, може да имаат зголемен ризик од мозочен удар или други болести, а од друга страна, неговата употреба е во пораст во многу делови од светот, поради неговите ефекти во ублажување на хронична болка и помагање на состојби како гадење, предизвикани од хемотерапија.

„Во однос на јавното здравје, истражувањето покажува дека веројатно има некои штети од употребата на канабис кои не биле препознаени претходно, и луѓето треба да го земат предвид тоа“, вели водечкиот автор на студијата и лекар од Универзитетот Стенфорд, Ишан Парањпе.

Блумберг потсетува дека сè повеќе земји ги олабавуваат правилата во врска со лекот во последните години, иако тој сè уште е нелегален во поголемиот дел од светот. Во САД, рекреативната употреба се зголеми откако беше легализирана во многу држави, иако сè уште е забранета на федерално ниво.

Истражувачите откриле дека постои врска со зачестеноста на употребата на канабис, така што користењето еднаш месечно наместо секојдневно не довело до значително зголемување на ризикот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.