Зголемен водостојот на речиси сите реки

Зголемени нивоа на речиси сите реки споредено со просекот за август, покажуваат мерењата направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Така, нивото на реката Вардар кај Јегуновце изнесува 124 сантиметри, а просекот за август е 32 сантиметри, кај железничкиот мост во Скопје се измерени 114 сантиметри, а просекот за авуст е 66.

Нивото на Вардар е повисоко и кај мерната станица кај Велес каде се измерени 130, а просечна вредност за август била 36 сантиметри.

Зголемување на водостоите се бележи и кај другите реки. Поголемо зголемување на нивото се бележи кај реката Струмица кај Ново Село со измерени 155 сантиметри, каде просечната вредност за август била 66 сантиметри.

Помало зголемување се бележи и кај реката Црн Дрим кај Ложани каде УХМР измерила 138 сантиметри, што е само за петнаесеттина сантиметри поголемо од просекот за август, кој на ова мерно место изнесува 121 сантиметар.

Благо зголемување на нивото на водата има кај Дојранското езеро. Таму вчера биле измерени 147 сантиметри, а просекот за август на истото мерно место бил 144 сантиметри. Нивоата на Охридското и Преспанското Езеро се движат во рамки на просекот за август.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.