Зголемување од 249 проценти на вредноста на договорената работа на домашните градежници во странство

Во периодот јануари-септември годинава вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 4.006.451.000 денари, што е за 249,1 проценти повеќе во споредба со истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во првите девет месеци од годината градежната оператива од нашата држава во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 210.912.000 денари, што е за 80,7 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Големиот пад на вредноста на извршените градежни работи се должи на завршувањето на градежните активности на објектите во Босна и Херцеговина на крајот од минатата година.

Од почетокот на годината заклучно со септември е забележан зголемен обем на извршените градежни работи во Германија, Црна Гора и Бугарија.