Згрозена сум од постапките во случајот на Клиниката за онкологија, вели заменик министерката за здравство

Заменик министерката за здравство Маја Манолева за предистрагата на Клиниката за онкологија која почна од вчера, оцени дека ако се точни информациите за несоодветното лекување на тешко болните пациенти и за криминалот со биолошката терапија која не ја добивале оние на кои им била потребна, туку поради финансиски бенефит на поединци завршувала на црниот пазар, со ова се прави напад врз здравјето и животот и побара одговорност.

„Јас како заменик-министерка, но и како доктор, сум згрозена од наводните постапки во случајот на Клиниката за онкологија и најостро ги осудувам тие акти што на бесрамен и криминален начин некој се обидел да заработува врз грбот на нашите пациенти и нивната борба за живот.

Навистина ми е жал за сите пациенти кои биле жртви на оваа криминална мрежа и се надевам дека правдата ќе биде задоволена во нивно име. Ваквиот тип на злоупотреба е напад врз животот и здравјето на нашите сограѓани кои се борат против тешки болести, а исто така, ставаат и црна точка врз медицинската професија, што е спротивно на она за кое ние како медицински персонал се залагаме, а тоа се хуманоста и човечкиот живот“, истакна таа.

Манолева вели дека Министерството за здравство е одговорно да се бори против секоја форма на злоупотреба и корупција во здравствениот систем.

„Како одговорни лица, ќе соработуваме со судските вештаци за да се откријат сите виновници и истите да бидат извадени пред лицето на правдата. Исто така, ќе ги поддржиме сите мерки кои ќе се преземат за заштита на пациентите. Со целосна поддршка на акцијата на МВР и ОЈО треба да покажеме дека имаме нула толеранција кон криминалот и злоупотребата во здравствениот систем. Нашата цел е да обезбедиме квалитетна и безбедна здравствена услуга за сите наши граѓани, и оваа акција е важен чекор кон постигнување на таа цел“, вели Манолева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.