Жена се борела со двајца разбојници, другата викнала полиција, спречиле кражба на трафика во Велес

Основното јавно обвинителство Велес поведе истражна постапка против две лица за кривично дело – Разбојништво согласно член 237 став 4 во врска со став 1 и во врска со членовите 22 и 19 од Кривичниот законик.

Имено, на 13 февруари во вечерните часови, осомничените како соизвршители се обиделе да извршат разбојништво во трафика лоцирана на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес. На две жени кои се наоѓале во трафиката им се заканиле со пиштол и се обиделе да ја отворат касата. Едната оштетена започнала да вика, барајќи помош од полиција, додека другата се борела со двајцата разбојници.

Кога не успеале да ја отворат фиоката, осомничените избегале без да ја реализираат својата намера.

Основниот суд во Велес го прифати предлогот на јавниот обвинител и на двајцата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена со цел да се овозможи непречено одвивање на кривичната постапка против нив.​​