Жена се обидела да го отруе Трамп – може да заглави со повеќе од 20 години во затвор

Канаѓанката Паскале Фериер се изјаснила за виновна за испраќање заканувачко писмо натопено во рицин, потенцијално смртоносен отров, до поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во Белата куќа во 2020 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Во писмото таа му порачала на Трамп да се откаже и да ја повлече својата кандидатура. Меѓутоа, писмото било пресретнато од службата за сортирање пошта пред да стигне до својата дестинација.

Фериер, исто така, се изјасни за виновна за испраќање слични заканувачки писма до полицијата во Тексас.

Се очекува таа да добие повеќе од 20 години затвор, а пресудата е закажана за април.

Според обвинителството, Фериер преработувала рицинусово масло за да направи рицин, а потоа го испратила на Трамп во писмо во кое го нарекува „одвратен тирански кловн“.

„Ако ова не ја заврши работата, ќе најдам подобар рецепт за друг отров, а можеби ќе го употребам и мојот пиштол кога ќе можам да дојдам. Уживајте. Слободен бунтовнички дух“, се наведува во писмото.

Таа е уапсена додека се обидувала да премине од Канада во САД, а со себе имала пиштол, нож и неколку стотици куршуми. Во Канада дошла од Франција и има државјанство на двете земји.