Жените во Скопје маршираа барајќи заштита, сигурност, социјална и здравствена правда

Со пораките „Не сакаме тава, сакаме права“, „Денеска марш, утре штрајк“ и „Држава што не постапува е држава што убива“, попладнево на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје започна Маршот за женските права што се одржува за Меѓународниот ден на жената – 8 март.

Заштита, сигурност, социјална и здравствена правда, како и економска сигурност за жените, се дел од барањата упатени од маршот.

– Да се биде жена во Македонија е да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш дали ќе го преживееш тој ден. Во 2023 година жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата – изјави Ана Aврамоска-Нушкова проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

„Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири“, истакнаа од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму потенцираа дека жените и девојките во Северна Македонија се соочуваат со колективна негрижа.

– Да се биде жена значи да прифаќаш краткотрајна работа, работа на црно и под маса, без ресурси за стабилна кариера, без социјална заштита и регулација. Да се биде девојка во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш ова возење со такси без таксистот да те вознемирува, дали ќе добиеш секакви коментари, закани на социјалните мрежи дали твои фотографии ќе бидат користени како порнографија, дали ќе имаш пристап до гинеколог и беспалатно пап тестирање, дали ќе ја преживееше следната лекарска рутинска интервенција дали ќе го преживееш пораѓањето. Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот кое веќе си го пријавил, но институциите кои требало да те заштитат само направиле записник и не потапиле, не те запштитиле – истакна Надица Банишка, една од учесниците на маршот.

Маршот заврши во Паркот „Жена Борец“.