Жестока дебата меѓу МОК и АМС за Законот за спорт, ама никој не знае што е – спорно!

На Управниот одбор на ОКСМ темата за измена на законската регулатива за спортот наметната од ИОК предизвика вербални конфронтации и меѓусебни обвинувања со претставникот на Агенцијата за млади и спорт. Дебатата се прошири и на недостигот на соработка помеѓу овие две организации, која трае долги години, наведува Слободен печат.

Жешка дебата помеѓу раководството на Олимпискиот комитет на Северна Македонија (ОКСМ) и Агенцијата за млади и спорт (АМС) предизвика Меморандумот за автономија на олимиското и спортско движење и најавените измени во Законот за спорт. Дискусијата се водеше на Управниот одбор на ОКСМ.

Меѓу другото, од ОКСМ беа споменувани и можни неформални притисоци од АМС кон спортските федерации да не доаѓаат на состанокот на кој се дискутирало за Меморандумот. Директорот на АМС Дарко Каевски ги отфрли ваквите тврдења со гаранции дека оваа институција никако не се меша во работата на федерациите. Конфронтацијата се прошири со замерки поврзани со недостигот на комуникација и соработка помеѓу овие две институции, со недостиг на финансирање на олимписката организација од страна на државата, состојба што трае долги години. Обвинувањата за ваквите состојби беа заемни.

Споменатиот меморандум е активност на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и на Обединетите нации, а е дел од пошироката акција да се обезбеди автономија на спортските системи преку измена на законската регулатива. Овие активности доцнат во Македонија со години и како резултат на тоа ИОК прати предупредување во краткиот рок да биде организиран состанок на кој ќе бидат присутни државните институции задолжени за спорт, претставници на федерациите и МОК, за да се забрза работата.

Тупурковски: Пет години одолговлекување

– Пет години работата се одолговлекува, но не по вина на нашиот олимписки комитет. Пет години добиваме опомени од ИОК дека сме едни од ретките што не сме го потпишале Меморандумот. Се обидуваме да ја завршиме работата. Федерациите треба да го потпишат, затоа што тие се добитниците од овој Меморандум. Олимпискиот комитет исто така, затоа што ИОК е партнер со ОН за овој договор. Тоа е коректен документ што не задира во државните интереси. И премиерот во една пригода рече „спортот на спортистите“ и јас го држам за тој збор. Тоа е логичен, рационален пристап. Нашиот план е да ги повикаме федерациите уште еднаш. Ако сакаат да го потпишат добро, ако не, ние ќе го потпишеме од наша страна. Од ИОК кај нас е дојдено писмо во коешто се бара ревизија на законот за спорт. Тоа го вети и премиерот кога дојде на таа позиција. Мислиме дека има сериозни проблеми со Законот за спорт. Самиот премиер констатира дека тој е нефункционален. Треба да се промени овој закон за да се обезбеди здрава спортска средина – изјави Васил Тупурковски, претседател на МОК. Потписници на Меморандумот треба да бидат и од АМС, за што коментира Каевски.

Каевски: Законот за спорт не прави проблеми

– Што се однесува до Меморандумот, треба да го добиеме од нашиот ОК и да го разгледаме и нема да има проблем. Но сакам да прашам кои делови од законот за спорт се контрадикторни со олимписките норми? Можеби има делови кои треба да се сменат, но тоа треба да мине низ дискусија. Во јавноста се доби впечаток дека можна е суспензија (на македонските спортисти од страна на ИОК н.з.) и дека тоа е поради АМС, поради тоа што законот не сме го смениле на време и слично. Тоа не е точно. Прецизно во кои делови законот треба да се менува? Не можеме да разговараме за решение ако не ги потенцираме точно проблемите. Сметам дека во ниеден момент законот (за спорт н.з.) не се коси со олимписката повелба, не прави проблеми ни на олимпискиот комитет ни на федерациите. Во ниеден момент државата не се меша во работата на спортските федерации. Потенцирајте ни конкретно кои членови во законот се спорни за да поведеме постапка да ги промениме – вели Каевски. Објаснување даде и Даниел Димевски, советник на премиерот Зоран Заев.

Димевски: Ја поддржуваме идејата на ИОК

– Во својство на советник на премиерот направив коментар на писмото (од ИОК н.з.) како сугестии до премиерот. Во целост ја поддржуваме идејата на ИОК и таа во целост кореспондира со она што ние сме го ветиле како програма, а тоа е подобрување на Законот за спорт со изработка на нов закон за спорт, кој ќе биде во секој случај синхронизиран. Вториот заклучок е синхронизација и на статутите на националните федерации кои произведуваат проблеми кај самите себе, но и пошироко. Третата точка е дотерување и промена на статутот на олимпискиот комитет, зашто и тој треба да биде ревидиран во духот на сево ова. Законот треба да овозможи автономност на спортот и статутот на ОК треба да биде согласен со меѓународниот статут. Меморандумот влегува во оваа концепција затоа што тој е помошно средство за остварување на сево ова – изјави Димевски.

Од ОКСМ најавија дека во најкраток можен рок ќе го пратат Меморандумот до АМС за да се продолжи со текот на активностите и да се одговори на обврските во однос на ИОК и на ОН.