Жестоки критики за кандидатот за градоначалник на Атина поради интервјуто за Нетпрес и МРТ

Жестоки критики на адреса на претседателот на Либералната алијанса Грегорис Валијанатос деновиве упатуваат грчки портали и блогови, поради неговото минатогодишно интервју дадено за Нетпрес и МРТ. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, интервјуто во кое што Валијанатос меѓудругото порача дека времето работи во полза на Македонија бидејќи бројот на држави што не признаваат под уставното име се зголемува од ден во ден, беше актуелизирано пред неколку денови, откако тој објави дека ќе се кандидира за градоначалник на Атина.

“Неверојатни позиции во однос на Скопје изразува кандидатот за градоначалник на Атина, Григорис Валијанатос. Толку е неверојатно и заблудува, па некој може лесно да заклучи дека станува збор за кандидат за градоначалник на Скопје, а не на Атина.  Пријателот на Скопјаните Грегорис Валијанатос во неговото интервју со Марија Котовска за Македонската радио телевизија вели дека Македонија е признаена од 134 земји во светот. Времето работи во ваша корист ” , се вели во текстот на порталот ”Дифенс Нет”.

Порталот пишува дека Валијанатос ја признавал соседната земја како Македонија, дека изјавил дека во Грција има македонско малцинство и дека му е многу драго што комуницира со луѓе од Македонија, која што многу ја сака.

Порталот “Еглиматикотита” пренесува дека Валијанатос изјавил дека “Македонците се наши браќа”.

“Погледнете го целото интервју со Григорис Валијанатос и високо националистичките прашања на скопската новинарка на кои што тој одговара како сојузник ”, е описот што го дава порталот до линкот од интервјуто.

Во интервјуто Валијанатос порача дека е многу тешко оваа грчка Влада и овој премиер да ги придвижат работите во однос на името.  На прашањето дали беше неопходно владата на СДСМ во деведесетите да ги прифати промената на знамето и срамната референца ПЈР тврдејќи дека тоа ќе биде само за неколку месеци, Валијанатос одговори: “ мислам дека целата историја од вашата независност е историја полна со грешки. Грешки направени од двете страни.”