Жестоки византиски игри во СДСМ за скопските градоначалнички фотељи

Жестока внатрепартиска борба, проследена со византиски дворски игри, се води во редовите на владејачката СДСМ за градоначалничките фотељи за претстојните локални избори во Македонија.

Иако претходно беше латентно најавуван како можен кандидат за градоначалник на Скопје, сепак Саша Богдановиќ излегува од игра за таа функција. Актуелниот градоначалник на скопската општина Центар, според извори на НетПрес од СДСМ, нема да добие уште една шанса за евентуално продолжување на својот мандат, односно да истрча како кандидат на владејачката партија за градоначалник на Центар. Партиски извори велат дека најголема веројатност е тој да биде задоволен со амбасадорско место во Белград.

Наместо Богдановиќ, СДСМ наводно планира во скопски Центар да ја кандидира Сања Лукаревска. Извори во партијата за НетПрес брифираат дека таа наводно подобро котирала меѓу жителите на оваа скопска оопштина отколку Богдановиќ.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во внатрепартиската битка успеал да извојува победа за да биде повторно кандидиран за оваа функција на претстојните локални избори. Претходно неговата кандидатура беше сериозно загрозена од Богдановиќ, велат извори од СДСМ.

Нашите информации велат дека покрај Саша Богдановиќ, дипломатска мисија ќе добие и градоначалникот на Кисела Вода – Филип Темелковски. За него голема е веројатноста дека ќе биде испратен на местото амбасадор на Македонија во Софија. Своевремено се шпекулираше дека неговиот татко, Зоре Темелковски, наводно има свои бизниси во угостителско-туристичкиот сектор во соседна Бугарија. За градоначалничкото место во општина Кисела Вода, СДСМ планира засега да избере една од моментно три жени кадидати. Во игра се Мери Проја Продановска, раководител на државниот инспекциски надзор и докажан член на партијата, потоа Елена Петрова, ќерка на професорот Стојмир Петров, и Татјана Прентовиќ, пратеник од претходниот состав на Собранието која гласаше за промена на уставното име на Македонија. Според извори во партијата, раководството цврсто било решено да истрча со кандидат жена во оваа скопска општина.

Ново име од партијата планирале и за кандидат за градоначалник на Аеродром. Во СДСМ, велат нашите извори, имало големо незадоволство од сегашниот градоначалник Златко Марин, па така било одлучено партијата него да не го поддржи на претстојните избори. На негово место, односно кандидат на СДСМ на локалните избори в година за градоначалник на Аеродром најверојатно ќе биде Љубица Јанчева, сегашен претседател на Советот на Град Скопје, брифираат за НетПрес од партијата.

Жестока внатрепартиска борба во СДСМ имало и за позицијата кандидат за градоначалник на скопската општина Ѓорче Петров. Нашите информации од извори во партијата велат дека голема е веројатноста СДСМ на локалните избори да го кандидира Костадин Ацевски, пратеник во претходниот состав на Собранието, кој гласаше за промена на уставното име на Македонија. Тој интензивно работел на терен меѓу членството. Сепак, според извори во СДСМ, сегашниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, не се предавал лесно. Тој, пак, интензивно работел на лобирање во раководството на партијата, за да добие поддршка од СДСМ за нова градоначалничка кандидатура.

Неофицијалните информации од владејачката партија велат дека старо-нови имиња за претстојните локални избори од редовите на СДСМ остануваат само Велимир Смилевски, градоначалник на Бутел, и Стефан Богоев, градоначалник на Карпош.