Жежов: Договорите со Грција и Бугарија ја изменија личната карта на Македонија, допрва ќе доаѓаат потешки последици

Договорите со Грција и Бугарија ја изменија буквално личната карта на Македонија. Овие два договори ја редефинираа Република Македонија. Ни се случи една драматична промена која ќе ги одредува правците и дејствијата на развојот нашата држава во еден догледен временски период. Тоа е период на рекапитулација секој да си види како дејствувал во овие судбоносни денови, но меѓутоа ни се случуваат драматични промени и допрва ќе доаѓаат уште потешки последици од склучените договори со Бугарија и Грција, изјави професорот по историја од Филозофски факултет, Никола Жежов за „Што не јасно“ на Алфа телевизија.

Во врска со историската комисија Жежов истакна дека како тогаш така и сега смета дека воопшто не требаше да се формира таква комисија.

Тоа е комисија која има задача да седне на маса и да преговара и штом седнете на маса да преговарате ќе има отстапки и затоа не требаше да има таква комисија. Се потврди дека историската наука да нема влијание врз овие настани и се случи целосно политизирање, рече Жежов.

Според него ние треба да имаме добрососедски на еднакви и принципиелни основи, но бугарската страна ни ја негира целата историја и постоење нормално е дека ќе има реакција од наша страна и одбранбена позиција.

Седите на маса разговарате, а другата страна ви кажува дека не постоите и за што понатаму може да разговарате? Ваквите мои тврдења ги потврдија и изјавите на дел од членовите на бугарскиот тим од комисијата и нивниот претседател кој истакна дека мора да има промена на македонските учебници, какви се тие разговори и преговори кога некој ви поставува ултиматум. Постоењето на историската комисија е ирелевантно.

За Протоколот со Бугарија и препораките на комисијата, Жежов истакна дека таму се гледа дека македонскиот дел од приказната никаде го нема таму.

Самоил е третиран како бугарски, свети Кирил и Методиј како се словенски каде преовладува бугарската линија, свети Климент и Наум исто. Делот каде што има препораки за македонските учебници се тргнало од антиката и погледнете ги забелешките каде се бара да се исфрлат делови од античка историја, каде треба да се направи дистинкција од мисијата на Апостол Павле во Македонија. Замислете спротивно на тоа треба да се учат Траките. Која е поврзаноста на Македонија со нив? А ни бараат да се направи дисконтинуитет? Каде се тука аргументите. Македонскиот идентитет потекнува од името Македонија и не може да направиме дисконтинуитет, потенцираше Жежов.

Тој потенцираше дека не може да кажете дека македонскиот народ настанал во 20 век.