Жител на Арачиново обвинет за убиство на сопругата

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривичните дела – Убиство од член 123 став 2 точка 2 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 39-годишник, на 29 април, во семејниот дом во селото Арачиново, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот неговата сопруга. Тие откако се вратиле од прошетка и влегле во нивната соба, започнале вербална расправија заради брачни недоразбирања. Во еден момент, обвинетиот се упатил кон подрумските простории во куќата каде што неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Pietro Beretta MOD.70” со калибар 7,65 мм. Пиштолот го ставил во џебот од јакната и се вратил во собата каде што била оштетената. Двајцата сопружници продолжиле да се расправаат, а обвинетиот го извадил пиштолот, го вперил кон оштетената со закана дека ќе ја убие и испукал еден куршум во задната страна на главата. Од повредите дошло до пореметување на работата на важни витални центри и настапил смртен исход кај оштетената.

Јавниот обвинител до Судот достави и предлог со кој, заради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоците, побара да биде продолжен претходно определениот притвор за обвинетиот.​

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.