Жителите на Ново маало бараат поддршка од институциите – Како депонија среде Центар сме!

Жителите на Ново Маало не можат да сфатат зошто некој има против на локацијата каде што сега живеат во трошни куќи и без канализација, а се во срцето на градот, просторот да се урбанизира и тие да добијат достоинствени живеалишта.

Претставникот на жителите на Ново Маало, Игор Стојанов, денеска во емисијата „Утрински брифинг“ зборуваше за условите во кои тие живеат на парцелата спроти „Холидеј Ин“.

– Не ни е јасно зошто оваа група луѓе се противи на тоа бидејќи на таа локација во моментов нема ништо, освен распукан бетон и нашите живеалишта. Мислам дека не постои некој да не ја знае ситуацијата во Центар, во какви услови живееме ние, без одвод, без канализација, во керпичи, без изолација. Буквално сме како ѓубриште на Градскиот трговски центар и тоа ѓубриште не трае еден ден, туку се провлекува сто години – рече Стојанов и додаде дека со новиот комплекс овој сега бетонизиран простор ќе стане зелен и ќе има најголем парк во Македонија.

– Овој парк ќе биде од јавен интерес, а кој има јавен интерес сега? Сега луѓето кога поминуваат овде кружат, се плашат да поминат бидејќи постојано има кражби и изгледа небезбедно. Буквално сме како една депонија среде Центар – вели тој.

Стојанов рече дека првпат се случува некој да нуди фер обештетување со компензација од која сите жители на Ново Маало се презадоволни.

Стојанов не очекува дека најавените протести на „Зелен хуман град“ ќе бидат масовни, бидејќи станува збор за група активисти коишто наместо да ја исправат грешката на институциите, ја продолжуваат нивната агонија.

– Тие треба да прават протести за да ја исправат грешката за нас. Ама таа грешка тешко може да се исправи, бидејќи ние немаме веќе трпение за сите тие работи – додаде Стојанов.

Тој ги повика институциите да застанат на страната на граѓаните, бидејќи, како што рече, новомаалци дале поддршка со давањето на нивниот глас.

– Се надеваме дека советниците и градоначалникот на Општина Центар ќе го покажат вистинското лице на Скопје. Сакаме зелен простор и урбано уредени домови за нас – заклучи тој, апелирајќи до сите да престанат со притисоците врз нив како жители и врз институциите бидејќи веќе се подготвуваат да поднесат претставки до Советот на Општина Центар, до градоначалникот на Општина Центар и до ДКСК за случајот со ДУП Ј07 на Водно кој вчера го обелоденија на прес-конференција.

Станува збор за плац на Водно на мајката на поранешната претседателка на Советот на Општина Центар и актуелна советничка од Шанса за Центар, Јана Белчева, кој е продаден и на чие место ќе се гради објект од 1000 метри квадратни.