Жителите на Ѓорче Петров утре на протест против новиот ДУП

Иницијативата против урбано дивеење за утре најави протест со блокада на кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, поради донесениот ДУП С3 15, со кој се планира изградба на 15-тина нови згради.

„Остануваме на нашите барања, немаме слух од институциите, така што одлучивме да направиме еден мирен протест, се со цел да ни се приклучат и сите граѓани кои што се засегнати со овој проблем со урбаното дивеење и со узурпирањето на Ѓорче Петров, со урбаниот хаос кој се случува. “ изјави Горан Костов, Иницијатива против урбано дивеење

Од Општината децидни дека промена во ДУП-от нема да има, бидејќи станувало збор за истиот од 2014тата година, но сега разработен, и воедно запазени сите закони. За градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски пак утрешниот протест е чисто политиканство.

„Мора јадрото на Ѓорче да има некаков развој. Дадовме ние одредена висина на одредени места, на други места се намали, меѓутоа се заштити паркот, се зголеми функционалноста како на зеленилото, така и на јавните површини. Замислете некој што го донел претходно истиот ДУП, со иста бруто развиена површина, кој не ги средил имотно-правните во дел на сопственост, ние тоа го поправаме, и сега истите тие да се бунат. Тоа нема логика што го прават. Тоа е гола политика.“ изјавив Александар Наумоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Од Иницијативата велат дека се уште чекаат одговор за средба од министерот за транспорт Бочварски од кого бараат да не ги одобрува ДУП-овите кои доаѓаат од Општината. Утре на пладне од Иницијативата ќе го блокираат сообраќајот кај кружниот тек пред црквата Св. Петар и Павле.