Живко Мукаетов одликуван со Орден за заслуги за РС Македонија

Вчера претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во неговиот кабинет ги одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија Живко Мукаетов, како и постхумно Зафир Хаџиманов, Горан Стефановски и Ремзи Несими.

„Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност“, се наведува во образложението од Кабинетот на Перетседателот.

Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање нови вредности во македонското општество.

Кој е Живко Мукаетов

Во 1998 година, Живко Мукаетов ги завршил постдипломските студии по маркетинг и менаџмент во Лондон.

Мукаетов е прв човек на фармацевтскиот гигант Алкалоид. За него велат дека е млад и амбициозен, а тој за себе вели дека е праведен, енергичен и рационален. Растен во духот на Алкалоид, имајќи во предвид дека имал само 11 години кога неговиот сега покоен татко Трајче Мукаетов, стана прв човек на Алкалоид. Во Алкалоид групацијата е од 1999 година. Од 2004 година е член на Управниот одбор, а во 2007 година е назначен за претседател на Управниот одбор.

Алкалоид е фирма со постојан раст и инвестиции, како во нашата земја така и во странство и ги следи сите трендови во фармацијата.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ секоја година доделува стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

Оваа практика почнува од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендираше вкупно 539 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 39 во учебната 2020/2021. Од нив, 207 студенти по фармација и 195 по медицина се веке дипломирани. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 87 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 80 студенти од Фармацевтскиот факултет и 7 студенти од Медицинскиот факултет. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци а заклучно со 30 октомври 2020, преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ исплатен е износ од 99.947.500 денари на стипендистите и првенците на генерацијата.

Мукаетов во јануари годинава едногласно доби уште еден мандат претседателски мандат на Ракометната федерација на Македонија.

Генералниот директор на „Алкалоид“ дојде на чело на македонскиот ракомет во 2013 година, на местото на Михајло Михајловски и на годинашново изборно Собрание со акламација од присутните делегати му беше доверен трет мандат. Тој беше и единствениот кандидат за претседател, откако претходно сите домашни ракометни клубови му изразија поддршка.

Откако Мукаетов е претседател на РФМ, машката ракометна репрезентација нема пропуштено ниедно големо натпреварување, настапувајќи на пет светски и четири европски првенства.

Тој воведе многу практики од бизнисот во ракометот.

А од неодамна со легендата на македонскиот ракомет Кире Лазаров го оформија Ракометниот клуб Алкалоид.

Претседател на РК Алкалоид ќе биде поранешниот ракометар и член на менаџерскиот тим на „Алкалоид“, Горан Минов, додека партнер во проектот ќе им биде Лазаров, а главен финансиер на проектот е компанијата „Алкалоид“

Целта на овој проект ќе биде да се создаде квалитетна база на млади ракометари, кои во иднина ќе можат да го носат македонскиот национален дрес.

Шаховскиот клуб Алкалоид од Скопје со пет победи и два нерешени резултата во седумте рунди го освои Европскиот клупски куп во 2016 година во Нови Сад, Србија.

За екипата финансирана од компанијата настапија имиња како Динг Лирен, Павел Елјанов, Дмитри Андрејкин, Јангуи Ју, Дмитри Јаковенко, Јуриј Криворучко, Трајко Недев и Филип Панчевски.

Европскиот клупски куп (ECC, European Club Cup), познат уште и како Куп на шампиони во шах, е најсилното клупско шаховско натпреварување. Сите европски држави се застапени со своите најсилни екипи, засилени со шахисти од целиот свет.

Покрај овие диркетни поддршки во спортот, компанијата предводена од Мукаетов е покровител на многу културни манифестации, проекти, се вклучува во многу хуманитарни акции и е општествено одговорна фирма.

Со растот на компанијата расте и придонесот во македонското општетсво.