Живот ставен на чекање

Зошто би и верувал на „гордо“ неспособната власт дека ќе се справи со коронавирусот. Како со се’ што се справи досега. Име, историја, јазик. Нема веќе однапред напишани договори за потпис, нема веќе странски мешетари да шират лажен оптимизам како ни блеска власта. Сега сме оставени сами на себе. Заборавени од другите. И, искрено јас сум во паника. Зашто вирусот со оваа власт има шанси со нас. Ниту сме подготвени, ниту отпорни на она што допрва ќе ни го донесе вирусот. А, нема да донесе ништо добро.

Она што досега го гледам не е ништо друго до сеење збунетост и хаос кај граѓаните од страна на техничкиот Премиер и Министерот за здравство. Со секое обраќање гледате дека Владата лута во справувањето со оваа пандемија. Ад хок мерки за вака агресивен убиец. Чувме за полицискиот час во време кога градовите се празни, но не чувме како ќе ги натера граѓаните да ја сфатат сериозноста на состојбата со вирусот и да останат во самоизолација во текот на денот, ниту пак за за тоа како би се ублажил стравот на здравствените работници дека ќе бидат преполнети болниците, дека има недостаток на заштитна опрема и тестови, како и недостаток на машини за дишење потребни за да се одржат во живот болните пациенти. Дури и вонредната состојба е на ниво на лајт верзија.

А, ситуацијата е крајно сериозна. А, богами и Претседателот крајно сериозен не просветли дека немаме ресурси за справување со коронавирусот. „Охрабрувачки“ и обединувачки во исто време. А, ритамот на животот во Македонија почнува полека да се гаси. Животот е ставен на чекање. Велат лидерите се познаваат во криза. Нашиве генерираат сомнеж дека знаат што прават. И тоа е најзастрашувачко од се’.

Сега се потврди дека оваа власт ништо не научила од кога го презема управувањето со државата. Дефинитивно нејзина карактеристика е одбивањето да стане помалку неспособна, отколку што беше на првиот ден, благодарение на презирот кон стручноста и фаворизирањето на криминалот и корупцијата над се друго. Затоа долго време ќе ни треба пред да ја вратиме стабилноста во нашето општество и чувството на нормалност. Долго откако ќе помине кризата.

Колку можете сериозно да се потпрете на власта во справувањето со кризава е и начинот како се грижи за македонците во странство. Оние македонци кои ненадејно беа затечени и оставени сами на себе во неизвеснот поради глобалното замрзнување на меѓународните патувања, масовните карантини, затворањето на границите како одговор на пандемијата на коронавирусот. Беа заборавени од државата, се додека не се свести гледајќи како другите држави реагираат.

Изнудено, Министерството за надворешни работи ќе организира хуманитарни летови за да си ги донесеме граѓаните дома. И фокусот ќе бидат земјите со поголема концентрација на македонски граѓани. И се прашувате: што со останатите (Франција организира итни летови за Мароко само за десетици нејзини државјани)? Зар тие се помалку граѓани на државата на Министерот за надворешни работи. Кој како да има уплав да и го спомене името. Ама затоа раката на срце. За миг ќе помислите дека стварно човекот се грижи. Како што се грижеше за името на државата.

А, како се грижи за нашите надвор прашајте ги оние што се пријавиле за враќање. Прашајте ги за разочарувањето од разговорите со службениците на МНР што треба да ја организираат оваа операција. За нивниот недостоинствен третман и понижувањата што ги трпеле од истите. За трошоците за пат што сами треба да ги надоместат (другите тоа го го прават на трошок на државата), без да им биде кажано како ќе бидат транспортирани во државата. Со хуманитарни летови или конвои. Но, било посебно нагласено дека ќе бидат сместени во државен карантин во касарни или болници и дека работата е земи ли остави. Без одговор биле и како ќе бидат заштитени од можноста да бидат заразени од потенцијалните носители на вирусот по пат. Без одговор, но со луто спуштена слушалка по вакви „безначајни“ прашања.
Очигледно некои прашања не заслужуваат одговор од „трпеливите“ и „толерантни“ службеници во МНР. Или дипломати во амбасадите. Ако имало кој да се јави. Прашајте колку млади луѓе се откажаа од „привилегијата“ државата кон нив да се однесува како кон „стока“ за транспорт. Преземајќи го ризикот за своето здравје таму каде што се. Разочарани и оставени веќе не помислуваат за враќање во „Република Северна Македонија“. Ни сега ни во иднина. Најмалку во онаа на техничкиот Премиер на Владата.

И сега. Каде исчезна дипломатијата што блескаше? Онаа професионалната. Онаа со долг дипломатски стаж. Зар се заборави дека една од задачите на дипломатијата е да се грижи за своите државјани во странство. Ако за сите држави нивните граѓани се приоритет, само за нашата изгледа се товар. Со која леснотија се откажуваме од македонците во светот. Очигледно со истата леснотија со која се откажавме од името и брендот Македонија.

За момент ќе не убедеа дека ние се здруживме со светот. Пандемијата покажа дека светот никогаш не бил сериозен да се здружи со нас. Посебно не сега. Нема солидарност, нема помош. За другите има, па дури и за Косово. Ама не и за нас. Само до неодамна ветувања колку сакаш. Сега молк. А како до вчера блескавме.
Коронавирусот не е зомби апокалипса или инвазија од надвор. Но го затвори отвореното општество. Несомнено дека пандемијата на коронавирусот ќе го поткопа целиот систем врз кој се заснова македонското модерно општество. Ќе ја соголи нашата неспособност и неодговорност. Ќе го потврди вистинското лидерство. А, потоа. Веќе ништо нема да биде исто.

Конечно имаме шанса низ кризата да сфатиме дека Владата е работа за сериозни луѓе. Дека политиката е за серизни и образовани, а не за залутани поединци со два грама школо. А, богами и памет.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес