Жугиќ: Пожарите стануваат сериозна закана за Скопје и околината

Пожарите стануваат сериозна закана за градот Скопје и населените места околу ггалвниот град, а истовремено отсуствува посериозен и посеопфатен ангажман на надлежните институции односно градонашалникот Петре Шилегов и неговата администрација, во справувањето со ваквите катастрофални појави, истакна на прес-конференција во саботата Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје.

Во петокот три противпожарни возила со девет пожарникари бра упатени во близина на скопското село Виниче за да го гасат шумскиот пожар на Скопска Црна Гора. Пожарот е на непристапен терен и доколку пожарникарите не бидат во состојба да го стават под контрола, како што рече Симоновски, на помош ќе биде повикана Армијата. Ден претходно пожарникари на Противпожарната бригада на Град Скопје гаснеа шумски пожар во близина на скопското село Страчинци каде што гореше нискостеблеста шума.

„Практично пожарите директно и индиректно го загрозуваат здравјето на Скопјани. Последниот пожар на Скопска Црна Гора кој остана нелокализиран неколку дена направи огромна штета за животната средина и беше со можни закани за последици врз здравјето и на локалното население. Граѓаните беа препуштени речиси сами да се справуваат со пожарите неколку дена. Тоа покажува неколку работи: дека се недоволни капацитетите на градската противпожарна заштита, дека Дирекцијата за справување недоволно се ангажира во справување со ваквите пожари и дека владата треба посериозно да се вклучи во гасењето на пожарите. Скопска Црна Гора како и Водно се белите дробови на Скопје“, рече Жугиќ.

Додаде дека како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, која е во опозиција во Советот на Град Скопје, предлагаат низа мерки за справување со стихијата.

Имено, се предлага: При гаснење на посериозен и поголем пожар да се вклучи и Армијата на Република Македонија со своите ресурси; Градот Скопје и владата да извршат акција за пошумување на уништените зелени површини и дрва кои беа зафатени од пожарите на Скопска Црна Гора; За таа цел да се изврши пренамена на средствата кои владата ги дава за набавка на цветни аражмани кои беа во висина од над 700 илјади евра како и Градот Скопје да се откаже од набавка на службени возила за менаџментите на јавните претпријатија. Парите да се наменат исклучиво за разеленување на опожарените површини и доопремување на противпожарната градска служба.

„Градот Скопје и градоначалникот Петре Шилегов да демонстрираат општествена одговорност за потребите на Скопјани“, побара на крајот советничката Жугиќ.