Зибери: Финансиските друштва што даваат брзи кредити, ги „дерат“ граѓаните, потребни се законски измени

Народниот правобранител, Насер Зибери, денеска го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите права во Република Македонија.
Зибери побара измена на сегашната законска регулатива за работата на финансиските друштва кои нудат брзи кредити, бидејќи граѓаните со ваквите кредити се ставале во огромни долгови и повеќекратно биле оштетени.
– За да има јавноста јасна претстава за што зборувам, ќе илустрирам со еден пример. За земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со неговата исплата, навистина како во рекламите, не се наплаќа камата, меѓутоа се наплаќаат огромни трошоци. Така, за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомена од 5.900 денари, долгот достигнува сума од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главниот долг – потенцира Зибери.
Тој истакна дека негова општа констатација е дека во постапките за присилна наплата на неплатен даночен долг, парични казни, глоби и други јавни приходи во корист на државата, УЈП, Градот Скопје и општините не ги почитувале уставните начела за заштита на основните права и слободи на граѓаните.
– Од овие субјекти, на одредени граѓани со години им се загрозува како личната така и егзистенцијата на нивните семејства, бидејќи присилната наплата исклучиво ја спроведуваат преку блокада на нивните трансакциски сметки во банки со одземање на целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, кој го примаат тие. Следствено на тоа, тие подолг временски период остануваат без основни средства за егзистенција, а дополнително се принудени да им плаќаат финансиски средства на банките за деблокирање на трансакциските сметки – истакна Зибиери и додаде дека бара веднаш да се донесат соодветни законски измени и дополнувања во насока на лимитирање на делот кој им се запира на граѓаните на име на долг.
Омбудсманот Зибери ги посочи областите во кои властите треба „сериозно да се ангажираат за да се донесат законски измени, некои да се допрецизираат или да се најдат системски решенија“.
– Во извештајната 2022 година беа примени/заведени 3.209 предмети, а 273 беа пренесени од претходната година. Вкупниот број предмети/претставки по кои постапуваме, ги разгледуваме, е 3.482. Од вкупниот број претставки, на прво место се од областа на правосудството – 534 или 16 %, потрошувачките права 337 или 10,50 %, работните односи 288 или 8,97 %, детските права 252 или 7,85 %, имотноправните 208 или 6,48. Најголем број констатирани повреди има во областа детски права, потоа следуваат правосудството, граѓанските состојби и други внатрешни работи – истакна Зибери.
Тој посочи две училишта од Битола и од Штип каде што било констатирано дека имало паралелки кои претежно биле составени од ромски деца.
Училиштата зачестено даваат согласности за запишување ученици, најчесто од македонска етничка заедница, во други општински училишта, иако според местото на живеење учениците припаѓаат на реонот кој го опфаќаат горенаведените училишта. На согласности за запишување на децата во други училишта инсистираат родителите, кои не сакаат нивните деца да учат со Роми, што во пракса доведува до поголем број ученици Роми во едно училиште и препознавање на истите како „ромски“ училишта, истакна Зибери и апелираше овие општини да престанат со праксата на лесно издавање отпусници од училиштата.
Во Годишниот извештај на омбудсманот беа нотирани и проблемите со необезбедување образовни асистенти за учениците со попреченост, тројно зголемениот данок на имот на Општината Охрид, повреда на правата на наставниците, прашањето за обезбедување терапија за лицата со цистична фиброза, ревидирање на листата на лекови.
Од омбудсманот беше забележано дека не е задоволен од односот на Владата за поднесената иницијатива за измените во делот на наплатата на казнената камата во процесот на извршување.
– Искрено се надевам дека овој извештај нема да ја сподели судбината со претходниот од 2021 година, кој беше разгледан од пратениците пред само неколку дена, апсурдна постапка, која на некој начин го девалвира законското решение – потенцира Зибери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.