Жител на Узем изгоре во својата куќа

Жител на кривопаланечкото село Узем изгоре утрово во пожар во сопствената куќа во селото.

Според информациите од Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, дојавата е примена во 7.15 часот, а пожарот е пријавен од страна на екипа на гранична полиција.

Веднаш излеговме на терен со едно теренско возило и тројца пожарникари, по што е побарана помош од уште едно возило, кое околу 7.50 минути било на лице место. Во 8 часот и 50 минути излезе уште едно возило со двајца пожарникари. Куќата беше опожарена во пределот на собата и дел од ходникот, опфатени беа и прозорците, а кровната конструкција не е зафатена. Покуќнината е целосно изгорена, а при гасење на пожарот во внатрешноста на собата пронајдено е гламјосано-јагленисано тело на човек кое се наоѓаше помеѓу креветот и шпоретот. Веднаш е пријавено во полиција, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

По обемот на настанатата штета и јагленисаното тело кое го пронашле пожарникарите, се претпоставува дека најверојатно избувнал одреден период пред дојавата.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, утринава било пријавено дека настанал пожар во Узем.

Во пожарот починал 58-годишниот Љ.С. Извршен е увид и се работи на утврдување на причините за избувнување на пожарот, информира Лиза Бендевска, портпарол на МВР.