Жителите на Маџари гневни од навредите на советникот на премиерот Заев

Жителите се згрозени од навредите упатени од страна на нивниот сосед и советник на Зоран Заев, Влатко Васиљ.

Откако граѓаните почнаа да собираат потписи против доселување на мигрантите во Гази Баба, Влатко Васиљ на Фејсбук напиша дека во Маџари човек стан на подарок не зема, а не па камп да се гради. Инаку Васиљ живее во оваа скопска населба.

„Господинот Васиљ е исто така жител на нашата населба и како советник на премиерот Заев, наместо да не навредува нас жителите треба да се заложи за решавање на проблемите на граѓаните и реализирање на ветувањата дадени пред изборите. Како стари маџарчани кои сме се родиле и изразнале во Маџари, му порачуваме на господинот Васиљ, доколку не му се допаѓа населбата Маџари веднаш да се отсели“, изјави Власте Трајковски од граѓанската иницијатива „Будење“.

Трајковски напомена и дека граѓанската иницијатива „Будење Гази Баба“ продолжува со собирање потписи, против планот на Владата на СДСМ за населување на мигранти. Заклучно со вчерашниот ден граѓанската иницијатива собрала повеќе 5.500 потписи од жители на Општина Гази Баба.

„Навредите кон иницијативата, како од советникот на премиерот Заев, така и од сите останати нема да не поколебаат, напротив не мотивираат да продолжиме да се бориме против овој план и за зачувување на нашата општина Гази Баба“, изјави Трајковски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.