Жителите на селото Требовље кај Македонски Брод доцна синоќа преку социјалните мрежи повторно објавувајќи видеа и фотографии апелираат до Владата и надлежните институции дека им е потребна помош веднаш, откако пред 12 дена избувна пожар кој зафати голема површина борова шума и му се заканува на селото.
„Луѓе, Влада на РМ, пишувајте писма подоцна, праќајте помош веднаш од секаде. Бугарија, ЕУ, ни требате веднаш, не утре! Имаме огнени јазици 80 метри високи“, стои во една од објавите на социјалната мрежа Фејсбук.
Граѓаните велат дека институциите треба да престанат да си ја префрлаат топката едни на други, и веднаш да преземат нешто, бидејќи ситуацијата е катастрофална. Мештаните изминативе денови добиваа поддршка и од дел од медиумите кои ги пренесуваа нивните апели, но Владата на Зоран Заев и институциите останаа глуви на нивните повици.
Центарот за управување со кризи со кој раководи Аргон Буџаку дури вчера побара меѓународна помош за гаснење на пожарите во околината на Македонски Брод, откако во изминативе десет дена ја игнорираше состојбата и повиците за помош од институциите и Владата од мештаните кои сами се обидуваа да се справат со огнената стихија.
https://www.youtube.com/watch?v=m5Nm2grgiKI