ЗК Пелагонија: Компаниите на семејството Панделески работат законски со цел да обезбедат што повеќе работни места

По повод денешните наслови и текстови низ македонските медиуми, а во врска со новоотвореното обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) под кодно име „Империја“ се огласија и од ЗК Пелагонија АД Битола од каде до медиумите испратија изјава на Цветан Панделески, сопственик и партнер на дел од фирмите споменати во обвинението.

„Компаниите коишто се во сопственост на фамилијата Панделески, и во минатото и денес работат според позитивните законски прописи во државата. Под полна одговорност тврдам дека нема никакво криминално работење во нашите напори, во услови во какви што се наоѓаме како држава, да обезбедиме што поголем број работни места за македонските семејства. Односот на нашите компании кон македонските државни институции и пред се пред македонските закони, секогаш се базирал на транспарентност и одговорност“, се истакнува во писмената изјават на Цветан Панделески.

СЈО претходно во петокот соопшти дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која биле преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Тие се осомничени за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на денешниот ден СЈО во соработка со МВР извршиле 12 претреси и приведени се пет осомничени лица.