„Златен клуч на Смедерево“ за поезијата на Ристо Василевски

Поетот и академик Ристо Василевски е добитник на меѓународната награда „Златен клуч на Смедерево“ што се доделува на Меѓународниот фестивал на поезија „Смедеревска поетска есен“, кој годинава ја обележува својата педесетгодишнина.

Наградата на Ристо Василевски му е доделена за вкупниот поетски опус за кој досега, во земјата и во странство пишувале над 300 истакнати есеисти, литературни критичари и антологичари, искажувајќи секогаш високи оценки за неговите вредности. Наградата „Златен клуч на Смедерево“ многумина ја споредуваат со „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезија.

Во одлуката на Одборот за доделување на ова признание се истакнува дека Василевски е преведуван на голем број јазици, добитник е на многу значајни домашни и странски книжевни награди и признанија (Мала Нобелова награда, „Михај Еминеску“ и „Никита Станеску“, Европска награда за книжевност и мултикултуралност, „Франческо Петрарка“, „Лесја Украинка“, Атлант на словенството и многу други) и дека неговата книжевна биографија е една од најбогатите книжевни биографии во македонската и српската книжевност.

Меѓу досегашните добитници на ова големо меѓународно признание се наоѓаат многу големи имиња на светската поезија: Ѓео Богза, Ерих Фрид, Шандор Вереш, Миодраг Павловиќ, Владимир Бурич, Зоу Дифан, Петер Хендке, Антонио Порпета, Омиро Аритхис, Ив Бонфоа, Ева Липска, Шон о Брајен… Меѓу нив се наоѓа и името на нашиот голем поет Матеја Матевски, кому сега му се придружува и Ристо Василевски.

По повод значајниот јубилеј, оваа година е направен исклучок, наградата „Златен клуч на Смедерево“ покрај на Василевски, рамноправно му е доделена и на познатиот кинески поет Ју Цонг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.