Златев: Власта наместо да гони криминалци, ги гони тие кои откриваат криминал

Наместо да ги гони оние кои прават криминал, полицијата ги гони тие кои го откриваат, вели новинарот Љупчо Златев.

Тој изутрината беше повикан од МВР на распит, поради тоа што медиумот кој што го води Златев објави, според него, телефонски разговори во кои се слушаат нелегални активности на генералниот секретар на владата Драги Рашковски.

-Бев повикан во одделот за компјутерски криминал поради објавениот текст од 5 јуни годинава во кои објавивме ексклузивна видео снимка на која се слушаат илегални активности на генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Која е причината да бидам повикан како новинар и уредник на „Економски лидер“ поради објавен текст особено затоа што во самиот текст е присутен огромен јавен интерес каков што е трошење на државни пари, рече Златев.

Златев категоричен дека нема да го открие свиркачот кој му ги дал аудио снимките. Тој ги повика сите оние кои поседуваат какви било материјали во кои има индиции за криминал од власта или опозицијата, да му ги предадат, понудувајќи се за нивно објавување.

-Главната цел не е да се открие криминалот, туку оној кој на медиумите им го дал криминалот, додава новинарот.

Според Златев, станува збор за целосно недемократски пристап од страна на власта и полицијата, бидејќи на распит повикуваат новинар поради објавена вест во која има сериозни индиции за криминал на државен функционер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.