Златна бубамара за животно дело добива рок-легендата Жељко Бебек

Жељко Бебек е најпознат како пејач на групата „Бијело дугме“, иако започна респектибилна соло-кариера уште во време на постоењето на групата.

Роден е 1946 година во Сараево. Од мал се интересирал за музика и уште во училишните денови научил да свири на мандалонина, па потоа и на гитара. Во гимназија почнал да пее со групи, прво со „Ехо 61“, чиј член бил Корнелије Ковач. Во 1960-тите години преминал во групата „Кодекс“, една од позначајните сараевски групи во тоа време. 1969 година се сретнале со Горан Бреговиќ и почнале да настапуваат заедно – во Италија. Од ова релативно неуспешно искуство Бреговиќ и Бебек во 1972 ја создаваат групата „Јутро“, која во 1974 е преименувана во „Бијело дугме“. Се друго потоа е – историја.

Со „Бијело дугме“ Бебек сними 12 албуми кои се основа на антологијата на екс-ју рок-музиката. Уште во време на постоењето на „Бијело дугме“, тој сними и неколку соло албуми, чија популарност не беше ни приближна на онаа постигната со хитовите на „Дугме“. Според општата оценка на музичката критика, Бебек на секоја песна на „Бијело дугме“ и даде единствено доживување што никој друг пејач не успеа до го постигне. Откако ја напушти групата сними 14 албуми, од кои излегоа некои големи хитови, кои го потврдуваат и натаму неприкосновениот примат на Бебек како еден од најдобрите машки вокали во поширокиот регион.

Поради сето тоа, Златната бубамара за животно дело – годинава оди кај Жељко Бебек.