Злосторство!!! СДСМ ја „убива“ Македонија

страшо ангеловски

Живееме во време на историски можности за Македонија. Можности да исчекори од 19-от и официјално да влезе во 21-от век. Да се ослободи од баластот на меѓуетничката нетрпеливост, некаде дури преточена во омраза. Извонреден повод за ова беше појавата на „францускиот предлог“ и обидот големите европски сили, преку бриселската надвлада, да го затворат македонското прашање со целосно бришење на македонскиот народ, јазик, историја, идентитет, име…

Одлична можност, актуелната власт на СДСМ и ДУИ да застане во одбрана на државните и националните интереси и да ги обедини граѓаните (без разлика на нивната етничка, верска и каква и да е припадност, колку и да звучи ветво и искористено) во заеднички напори за достоинствена иднина.

За жал, гарнитурата на власт од СДСМ, отуѓена од граѓаните, од сопственото членство, од сопствената идеологија, од националните и државните интереси, го одбра патот по кој полека, но сигурно ја „убива“ Македонија. Ја пропушта историската можност за етничко приближување и взаемно почитување што ќе залечеше многу рани и ќе прекинеше многу фрустрации и барајќи од своите коалициски партнери да застанат против легитимните барања на македонскиот народ, заради уште неколку месеци власт, го одбра патот на заострување на меѓуетничката нетрпеливост и нејзино подигање до ниво на омраза.

Истовремено, ДУИ исто така имаше историска можност со поддршка на легитимните барања на своите соседи и сограѓани – Македонците, да исчекори од чизмите од 2001-та и да покаже дека од терористичка организација, после дваесет години, станува политичка сила загрижена за иднината на државата во која делува и практикува власт, загрижена за судбината на сите нејзини граѓани, а не само на албанската етничка заедница. Со тоа, ќе отвореше ново поглавје во сопственото постоење и во политичкиот живот во државава, отворајќи ја портата за взаемна доверба и почит меѓу соседите Македонци и Албанци, меѓу сограѓаните кои делат ист животен простор и исти проблеми. За жал, ДУИ одбра да биде патерицата на која уште неколку месеци ќе се потпира веќе целосно нефункционалната Влада на престолонаследникот Ковачевски.

Останатите политички партии на Албанците во Македонија, уплашени дека ќе бидат отфрлени од гласачите доколку човечки и достоинствено застанат на страната на своите онеправдани соседи и сограѓани – Македонците, влегоа во замката на СДСМ, поставена преку ДУИ и пропуштаат историска можност да покажат дека може и поинаку, дека може со взаемна доверба, почит и разбирање. Така, ќе беа целосно почитувани од Македонците, но и од Албанците кои сакаат подобар живот, а не омраза и страв за иднината.

Со еден збор, СДСМ, заради уште малку власт, заради уште малку простор за грабеж на недоограбеното, после антибугарската хистерија која ја сервираше за да ги покрие вистинските виновници и злосторството кон сопствениот народ, сега ни сервира и меѓуетнички конфликти во ионака поделеното македонско општество. Со тоа, свесно, ја „убива“ Македонија.

Повикот, да се обединиме сите заедно, без разлика на етничката, верската и партиската припадност можеби ќе звучи патетично, но, тоа е единствениот начин да ја избегнеме граѓанската војна во која СДСМ со своите налудничави потези и болна желба за уште малку власт, ќе ја втурне државава. Или ќе победи лудилото на еден грст болни за власт и платени за разнебитување на сопствената држава и сите ќе изгориме во пламенот на граѓанската војна, или ќе победи здравиот разум па ќе го сочуваме мирот и државата.

Нормалното членство на СДСМ, кое се’ повеќе се буди, антијастребите во ДУИ кои сакаат да живеат со своите соседи и, останатите политички партии на македонските Албанци во кои се’ уште веруваме како во зрели политички субјекти, се на потег. Да го спречат политичкото лудило на грст политички узурпатори, профитери и слуги на туѓи големодржавни интереси. Додека уште има време и додека уште не зоврел до крај меѓуетничкиот котел наместен на огнот од отуѓената група на власт од СДСМ, со лутата запршка од Брисел.

Да го спречат злосторството што го подготвува СДСМ, злосторство за кое секако ќе следува казна – казна за убиство со предумисла!!!

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес