Змија се качила во стан на петти кат во Тетово

Тетовските пожарникари вчера во стан на петти кат успешно интервенирале и отстраниле змија. Повикот стигнал околу 18 часот и 30 минути во зграда на улица „Борче Кочовски“. Пожарникарите за кратко време успеале да ја фатат змијата и да ја изнесат безбедно од станот.

– На повикот реагираше една екипа. Се јави жена која многу се исплашила и нѐ повика нас. Ние имаме соодветна прачка, стап со кој се фаќаат змии, успеавме да ја извадиме змијата од станот и да ја однесеме во соодветна установа – изјави Ука Алити, командант на тетовската територијална противпожарна единица.

Во текот на 2022 година седум пати досега по повик на граѓаните, пожарникарите интервенирале и отстранувале змија.

– Досега тоа било направено од возила и дворови но прв пат и од стан во Тетово. Во возилата и дворовите ги има најмногу поради топлото време. Најмногу се интервенирало кога змиите влегуваат во возила кога граѓаните ги оставаат во природа кога одат на излет. Граѓаните ни се јавуват и ни бараат помош и ни велат нема друга институција каде да се јават и затоа од нас бараат да интервенираме. Ние имаме ракавици и заштитна опрема – објаснува Алити.

Тој апелира граѓаните да внимаваат и самите да не преземаат ништо, туку да ги повикаат пожарникарите. Интервенирале и при спасување на кучиња и мачки од тешко пристапни места.