„Знаеме каде се парите“, вели Рускоска во врска со истрагата против Заќири

Предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството за организиран криминал го доби во втората половина на 2021 година. Ова го изјави  обвинителката Вилма Рускоска за „Слободен печат“.

„Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година. Од тогаш, надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази и во текот на вчерашниот ден стигна и последното известување, по што надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување истрага и предлог за определување мерка притвор за осомничените. По таа мерка, Судот ќе одреди како ќе постапува понатаму. Имаме податок за тоа каде се парите. Осомничените хрватските државјани, според нашите информации, не се наоѓаат во државава, но ние ќе стапиме во контакт со колегите од Хрватска, ќе ги доставиме доказите до нив, па доколку се согласат да го преземат гонењето, нивното понатамошно процесуирање ќе биде во Хрватска,“ вели Рускоска, пренесе „Слободен печат“.

Таа нагласува дека „Обвинителството за организиран криминал цврсто стои на ставот дека секој кој направил кривичен престап, а за што постојат докази, ќе биде гонет, без разлика на неговата позиција во системот на државата.“

За Мухамед Зеќири, генералниот секретар на Владата, и уште двајца други, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција побара притвор, откако е утврдено дека склучиле договор за консултантски услуги со правно лице и прибавиле противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, износ што е поголем од 795.000 евра, а на штета на Буџетот на РМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.