Знаковен толкувач: Можеби халуцинирав за време на церемонијата за Мандела

Јужноафриканскиот знаковен толкувач од церемонијата во спомен на Нелсон Мандела, рекол дека можеби имал напад на шизофренија, додека бил на сцената. Во средата, водечката асоцијација на глувонемите лица во Јужна Африка го обвини дека всушност не толкувал ништо, туку само хаотично мавтал со рацете.

Толкувачот, 34 -годишниот Тамсанка Џантие, изјавил за весникот „Стар“, дека започнал да слуша гласови и да халуцинира и тоа ги предизвикало гестовите, кои многумина глувонеми во светот не ги разбрале.

„Ништо не можев да направам. Бев сам во многу опасна ситуација. Се обидов да се контролирам и да не му покажувам на светот што се случува. Многу жалам. Таква беше ситуацијата“, рекол тој, пренесува „Ројтерс“.

Џантие вели дека не знае што го предизвикало нападот и додава дека зема лекови за шизофренија . Покрај тоа, тој објаснил дека е задоволен од настапот за време на церемонијата во спомен на Нелсон Мандела.

„Апсолутно, апсолутно мислам дека бев шампион за знаковен превод“, рекол тој.

„Соопштенијата“ со неразбирливото толкување на Џантие, од вчера ја започнаа потрагата по мистериозниот толкувач. Јужноафриканската Влада, која е одговорна за церемонијата, истакнала дека нема идеја кој е тој, владејачката партија Африкански национален конгрес, исто така нема информации за него. Сепак на стари снимки од партиски настани се забележува дека „мистериозниот“ толкувач често бил во друштво на претседателот Џејкоб Зума.

Џантие тврди дека работи за компанија наречена „SA Interpreters“, што била најмена од Африканскиот национален конгрес за церемонијата во вторникот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.