ЗНМ го осудува односот на дисциплинската комисија на МОН кон новинарите

41

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите кои сакале да ја следат денешната седница на која комисијата требаше да расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски.

Против него е покрената дисциплинска постапка откако тој соопшти информации за незаконско унапредување во научни звања на сегашни владини функционери од редовите на ДУИ.

– Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност. Омаловажување и непочитување на новинарите кои се на работна задача е недопустливо во една демократска држава, бидејќи новинарите се очите и гласот на јавноста. Според новинарот Васко Маглешов, кој се обидел да присуствува на седницата, на новинарите освен што не им било дозволено да присуствуваат на самата седница, им било наложено и да ја напуштат зградата. Притоа, претседателката на Комисијата тоа го направила на своја рака, без да наведе кој закон и го дозволува тоа, наведува ЗНМ во реакцијата.

Здружението го повика министерот за образование и наука Арбер Адеми јавно да каже врз основа на кој закон, подзаконски акт или правилник е донесена одлука од страна на дисциплинската комисија за исклучување на јавноста од денешната седница.

– Исто така, очекуваме од него, да поведе постапка против членовите на Комисијата доколку постапиле спротивно на правилниците за работа и излегле надвор од нивните овластувања, додава ЗНМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.