ЗНМ и МВР со протокол за безбедност на новинарите на интернет

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски со претставници од извршната канцеларија на ЗНМ и работната група кои беа вклучени во изработка на новиот Протокол за безбедност на новинарките на интернет, остварија работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице-контакт точка за интернет заканите кон новинарите и воопшто, медиумските работници. Протоколот нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и, воопшто на интернет, преку проактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Ова е една од низата активности кои заеднички ги спроведуваат МВР и ЗНМ за подобрување на безбедноста на новинарите, од 2017 година, кога беше потпишан Меморандум за соработка.

На средбата се дискутираше и за други аспекти за безбедност на новинарите, новинарките и медиумските работници при вршење на дејноста, заканите кои се присутни во интернет просторот, потребата од слободно и непречено известување од настани на терен, ефикасноста при заштитата на новинарите со целосна имплементација на правните инструменти кои ги имаат институциите и беше потенцирана одличната соработка меѓу ЗНМ и МВР.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека овој Протокол е чекор плус во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите.
„Сметаме дека ова е позитивен исчекор во рамките на зголемување на безбедноста на колегите новинари и новинарки. Денес, не само што се соочуваме со намалување на нашата безбедност, туку се соочуваме и со опасноста од онлајн закани, каде што, за жал, поголеми жртви се новинарките. На овој начин, очекуваме нападите и опасноста од нив да се намали, а неказнивоста на сторителот да исчезне. Се надеваме дека препораките кои се наоѓаат во овој протокол ќе го најдат своето место во градењето на безбедна атмосфера за работа на новинарките и новинарите “, кажа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

„Јасна е нашата посветеност како министерство на новинарите да им се обезбедат сите услови за тие непречено да си ја вршат работата и тоа го покажавме од 2017 до сега. За тоа не смее да има дилема, затоа што слободата на медиумите е еден од базичните столбови на кој се потпира демократијата. И овој протокол, во чие што изработување учествуваа претставници од МВР, ЗНМ и експерти од академската заедница, нуди решенија коишто ќе придонесат секој новинар, особено новинарките, да се чувствуваат безбедно, но и да знаат како да постапат во случаи на закани преку интернет. За нас слободата на новинарите е приоритет и во таа насока продолжуваме и со наредни активности во соработка со ЗНМ. Во претходниот период реализиравме бројни обуки, заеднички со ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го изработивме  Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик, а денеска можеме да констатираме и дека е изработен и Протоколот за безбедност на новинарите на интернет“, потенцираше министерот Спасовски.

Во процесот на подготовка на овој Протокол беа направени широки анализи, искористена актуелната правна литература на темата, како и бројни институционални практики, со цел да се најде најдобриот пристап за поголема заштита и безбедност на новинарките и новинарите на интернет. На овој начин ќе се намали можноста за самоцензура поради постоечки страв од напад, а ќе се зголеми слободата на изразување и професионалните новинарски стандарди.

Членови на работната група составена за подготовка на овој протокол од ЗНМ беа Младен Чадиковски и Драган Секуловски, Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност Скопје при УКЛО Битола, Јасна Бачовска Недиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ Скопје, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност и стратешко планирање при МВР, а од новинарките, членови на работната група беа Сашка Цветковска, Еви Шкопи и Кристина Атовска.

Протоколот е достапен на македонски, албански и англиски јазик.