ЗНМ: Минатата година регистрирани 18 напади врз новинари

Новинарите во Македонија работат во небезбедни услови, тепани, киднапирани и навредувани, а институциите не успеваат да казнат ниту еден од насилниците, покажува Извештајот за состојбата со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година, кој е изработен со финансиска поддршка на Европската унија во рамки на Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштитата на новинарите.

Претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Насер Селмани, на презентацијата на извештајот посочи дека минатата година се регистрирани вкупно 18 нови напади на новинари, од кои 13 физички и вербални, а останатите пет се навреди, попречување при работа и уништување на имотот на новинарите.

„Ова истражување освен политичката изразена волја на Владата и подготвеноста на новиот министер за внатрешни работи да работи со нас и да ги расветли сите случаи на напади врз новинари, друг позитивен развој не гледаме. Може да се каже дека има едно подобрување во начинот на известување на медиумите, но тоа е повеќе од тоа што престана економскиот притисок од власта, и тоа е еден позитивен сигнал“, рече Селмани.

Забележа дека постоело извесно подобрување во постапувањето на полицијата, која сега брзо ги идентификувала напаѓачите и покренувала кривични и прекршочни пријави, меѓутоа предметите заглавувале во обвинителство и ниеден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата.

Како најбрутален физички напад на новинари минатата година, Селмани го посочи 27 април, кога граѓани насилно влегоа во Собранието. За овој случај, продолжи тој, Јавното обвинителство оформи предмет и утврден е идентитетот на сторителите, но за жал тие се’ уште не се изведени пред лицето на правдата.

„Тоа е вистинската слика за грижата на новата власт. Ако сакаат да пратат јасна порака дека им е важна слободата на говорот и медиумите, прво што треба да направат е да почнат да ги казнат насилниците кои напаѓаат новинари. Без тоа ние се уште не можеме да тврдиме дека новата влада сериозно е заинтересирана за подобрување на состојбата на медиумите“, порача Селмани.

Извештајот, исто така, покажува дека новинарите работат под исклучително лоши економски услови, имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување.

„Освен што немаат безбедност, новинарите во Македонија работат во исклучително лоши економски услови. Имаа мали и нередовни плати, а немаат ни договори за трајно вработување . Според истражувањето на ССНМ 45 отсто од новинарите имаат помали плати од македонскиот просек, а на мнозинството им доцнат платите. Нема подобрување ниту на законодавството, кое не е усогласено целосно со најдобрите европски практики“, рече Селмани.

„Ваквата лоша состојба сопствениците на медиумите ја користат за притисок и да влијаат врз нивното пишување. Тие им се закануваат со отпуштање, па дури и со физичко насилство за да не ги критикуваат големите огласувачи“, рече првиот човек на ЗНМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.