ЗНМ, СЕММ, ССНM: Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми

Владата со народни пари фаворизира одредени медиуми, обвинуваат од ЗНМ, СЕММ, ССНM.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:

Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска е во Рим во работна посета во рамки на одбележувањето на 24ти мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Во рамки на посетата присутни се новинари и медиумски работници на неколку медиуми за да известуваат за настанот.

За изборот на овие приватни медиуми, кој е на трошок на буџетот на граѓаните, нема објаснување од страна на Владата кои се критериумите и зошто токму овие медиуми се поканети.

Настрана фактот што владини посети на државен трошок треба да следат јавните медиумски сервиси, а не приватни медиуми, овој селективен пристап на Владата, без никакви критериуми, може да се толкува и како фаворизирање на конкретните медиуми.

Немањето на транспарентни и јасни критериуми за тоа како е направен изборот кој медиум ќе известува за официјалната владина посета во Рим создава дискриминација во медиумскиот сектор и ги става медиумите во нерамноправна положба.

Користењето на јавни ресурси за да се стимулираат само поединечни медиуми на официјални посети во странски држави е непрофесионално и е на штета на медиумите, но и на граѓаните.

Потребно е сите медиуми да имаат фер и транспарентен пристап до информации за да се зачува објективното известување и јавниот интерес во медиумските извештаи.

Оваа практика на Владата, ја спроведе и Собранието кога пред две недели нетранспарентно и без критериуми избра приватен медиум за официјална посета во странство, со што станува јасно дека овие опасни процеси, карактеристични за едни други медиумски времиња, се враќаат и се закануваат повторно на медиумските слободи.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ за ова ќе ги известат сите свои партнери и меѓународни организации кои ги следат прашањата со независноста на медиумите и правата на новинарите во Македонија.