Зоран Ангеловски избран за директор на новата агенција ОТА

Со големо мнозинство, со 83 гласа „за” новата Оперативно техничката агенција (ОТА) во петокот попладнето го доби својот прв директор откако Собранието на својата последна работна седница во периодот до референедумот, го изгласа Зоран Ангеловски за човек кој ќе ја раководи.

Предлогот Ангеловски да биде директор на ОТА на 5-ти септември беше изгласан од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, откако власта и опозицијата постигнаа договор од пристигнатите 14 кандидати.

Ангеловски беше избран без расправа, бидејќи политичките партии во Собранието постигнаа консензус тој да биде избран меѓу 14 кандидати за оваа функција. За збор се јави единствено Ејуп Алими од ДУИ, кој повика оваа нововоспотавена инстутуција да ги почитува законите и да ја почитува правичната застапеност.

По изборот на Ангеловски, собраниската седница беше прекината и ќе продолжи откако надлежните собраниски комисии ќе ги разгледаат неколкуте закони кои треба да бидат донесени по скратена постапка.

Се предвидува Оперативно-техничката агенција да биде медијатор во прислушувањето меѓу операторите и корисниците, а се очекува да почне со работа од ноември годинава.  Во ОТА треба да се пресели и опремата за следење на комуникациите, со која досега располагаше Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Педесет и тригодишниот Ангеловски е дипломиран правник на насоката за безбедност и општествена самозаштита, а на функцијата во ОТА доаѓа од консултат во компанијата „Консеко арт“. Има 27 години работен стаж, кариерата ја почнал во Министерството за внатрешни работи во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање каде работел во периодот од 1990 до 1998 година, потоа до 2005 година работел во Агенцијата за разузнавање, па до 2008 годиан во телекомиуникаиската компанија „Т-Мобиле-МК“ каде бил директор за корпоративна безбедност и овластено лице за спроведување на Законот за следење на комуникациите. Од 2008-та заминува во приватниот сектор и работи за компаниите „Пауер интернационал“ и „Алпине бау“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.