Зоран Јовановски до несовесните: Имаме позајмени пари за до септември, не ја продлабочувајте кризата

Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија за економски прашања, преку статус на Фејсбук им порача на несовесните граѓани да ги почитуваат мерките против ковид-19 затоа што продолжувањето на здравствена ја продолжува и економската криза, а како што вели тој, земјата има позајмени средства за јавна потрошувачка до септември.

„Каде и да се сврти во земјава, човек ќе види многумина без маски и без било какви обѕири за целава ситуација. Некого го мрзи, некој мисли не постои вирусов, некој од чист сеир или инает, секој со своја причина.

Тоа е така затоа што кај голем дел од населението си постои генерална безгрижност. Кај администрацијата платите си доаѓаат во цел износ, пензиите исто. Работел, не работел приватниот сектор, за државниот сектор е се’ исто како и пред коронава. Дел од приватниот сектор исплаќа минимални плати само за да не отпушта.

Тоа е така затоа што државата на сите страни расфрла пари позајмени од странство. А тие пари ќе завршат. Набрзо, веќе во септември. Тогаш ќе дојде ударот и моментот на вистината. И намалување на платите и се’ друго.

Е ТОГАШ, ќе сфатат сите дека ИЛИ ќе носат маски и ќе бидат дисциплинирани и здравственава криза ќе се стави под контрола и фирмиве ќе работат, а буџетот државен колку-толку ќе се полни ИЛИ ќе има тешки економски последици, помали плати, отпуштања.

Жално е што ситуацијава со коронава не можеме да ја надминеме со свест и разбирање, ама тоа e, ќе научиме на потешкиот начин“, напиша Јовановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.