Зошто власта не го сака „Визер“?

Министерството за транспорт и врски го поништи и вториот повик за избор на нискобуџетна авиокомпанија, со образложение дека „Визер“ повторно не ги исполнил бараните услови.

Унгарската компанијата Визер, која е единствена која учествуваше на двата јавни повици, беше одбиена и во август, бидејќи во писмото со понуда не го напишала полниот назив и адреса на компанијата.

И додека Министерството за транспорт, уверува дека граѓаните нема да останат без евтини летови, сепак паралелно постојано се потенцира дека се прават и анализи за исплатливоста на основање на национален авиопревозник.

Додека тече приказната за тендерот за добивање субвенции од државата за овозможување нискобуџетни летови, од образложенијата кои официјално се даваат за поништените повици, не толку наивно се протнува и прашањето дали актуелната власт навистина сака тендерот да успее, особено кога на него се јавува само компанијата „Визер“?

Во јавноста веќе се добива чувство дека Министерството за транспорт и врски ќе биде упорно во поништување на тендерите за субвенциониран авиопревозник се’ до моментот кога на повикот ќе се јават и други компании, а „Визер“ ќе го загуби „ексклузивитетот“, како компанија која почна да работи во државава во време на претходната власт.

Сепак, министерот Горан Сугаревски изјави дека нема ништо против унгарската компанија и дека тендерот не се мести за некоја друга авиокопанија.

Договорот за субвенции со „Визер“ истече во јуни годинава, но компанијата продолжи да лета од скопскиот аеродром, а до кога ќе ги има летовите не се знае.

На последниот повик, „Визер“ доставила понуда во која сите четири дестинации од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, планира да ги воведе во август 2019 година, а на огласот се барало, првите два да почнат најдоцна до 10 јануари, а следните два по една година. Ова е спорниот момент и според Министерството е спротивно на еден од критериумите во тендерот.

Во најкраток рок ќе се објави нов јавен повик за финансиска поддршка на авиокомпании. Потребно е Владата на Република Македонија да ја донесе Уредбата и потоа Министерството за транспорт и врски ќе распише нов јавен повик. Очекуваме заинтересирани компании да се пријават на следниот јавен повик и да се избере авиокомпанија која ќе достави најдобра понуда согласно критериумите и условите во јавниот повик, велат од Министерството за транспорт и врски.

Додека Сугаревски уверува дека евтини летови ќе има и понатаму, останува фактот дека токму благодарение на евтините летови кои ги нудеше „Визер“, изминативе години македонските граѓани конечно си дозволија посета на повеќе европски дестинации. А, поништувањата на тендерите со право создава страв дека тој „луксуз“ повеќе нема да се ужива…

Според последните информации, преку двата аеродрома во Македонија, во Скопје и Охрид, во првите девет месеци од годинава патувале 1,8 милиони патници, а повеќе од половина (60,3 отсто) патувале со „Визер“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.