Жункерас бара да биде ослободен од притвор, обвинителството е против

364

Отстранетиот потпретседател на владата на Каталонија Ориол Жункерас побара во четвртокот од Врховниот суд излегување од притвор за да учествува во формирањето на новата влада во Каталонија додека шпанското државно обвинителство побара негово останување зад решетки под обвинение за организирање бунт против Шпанија.

Откако партиите кои се залагаат за независност на Каталонија повторно освоија мнозинство во регионалниот парламент на вонредните избори што ги распиша централната влада во Мадрид на 21-ви декември, тие го номинираа 48-годишниот Ориол Жункерас како „кандидат Б“ за претседателот на оваа североисточна шпанска покраина. „А кандидат“, пак, е Карелс Пучдемон, отстранетиот поранешен претседател на покраината, кому по истите обвинувања му се заканува апсење доколку се врати во Каталонија од Белгија.

Жункерас пред Врховниот суд во Мадрид истакнал дека тој е „човек на мирот и дијалогот“, рече за новинарите неговиот адвокат Андреу ван ден Ејнде излегувајќи од судот.

Жунекрас веќе два месеца се наоѓа во притвор крај Мадрид обвинет за бунт против Шпанија откако на 1-ви октомври беше одржан референдумот за независност на Каталонија којшто шпанскиот Уставен суд го прогласи за неуставен, а потоа и за изгласувањето на Република Каталонија. Оттогаш Жунекрас се оддалечи од идејата за еднострано прогласување на независноста, и повика на дијалог со којшто би се постигнала истата цел. И пред изборите бараше да биде ослободен од притворот за да може да учествува во кампањата, но судот тогаш го одби.

Адвокатот на каталонскиот челник тврди дека сега повеќе нема причина Жункерас да остане во притвор и да не биде пуштен да се брани од слобода со плаќање на кауција. Неколку сменети министри од минатата каталонска влада веќе беа ослободени со кауција.

Меѓутоа, шпанското државно обвинителство, исто така, во четвртокот побара Жункерас да остане во притвор, бидејќи наводно сѐ уште постоела опасност од негово делување „коешто би можело да доведе до насилство“.

Жуненкерас е челник на Каталонската републиканска левица (ERC) којашто на изборите поединечно беше трета партија со освоени 32 од 135 мандати во каталонскиот парламент, зад партијата Граѓани која го подржува единството на Шпанија и формацијата Заедно за Каталонија на Пучдемон, нејзиниот лидер има големи шанси да стане нов премиер.

Партијата граѓани освои 37 мандати но ниту со поддршка од сите други партии кои се залагаат за унитарноста на Шпанија не може да дојде до неопходните 68 пратеници, што е просто мнозинство за формирање влада. Со тоа мандатот за нејзино формирање преминува во рацете на формацијата Заедно за Каталонија која заедно со другите сепаратистички партии ECR и Кандидатурата на народното единство (CUP) има 70 пратеници.

„Планот е претседателот на владата да биде легитимно избраниот Карлес Пучдемон кој рече дека би се вратил (од Белгија). Доколку не се врати, сметаме дека ‘планот Б’ е Ориеол Жунекрас. Тоа би било најслично на реставрацијата на легитимно избраната влада“, изјави Габриел Руфиан, пратеник на ERC во шпанскиот парламент во Мадрид, алудирајќи на владата формирана по регуларните избори во 2015 година.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој мора да го даде мандатот за составување влада, а партијата Граѓани потврди дека нема доволна поддршка од другите партии. Таа најави барање место на претседател на парламентот со што во иднина би оневозможила евентуално ново гласање од пратениците за независност какво што се одржа на 27-ми октомври кога беа прифатени резултатите од референдумот. Каталонскиот парламент треба да ја одржи првата седница на 17-ти јануари по којашто б исе гласало за новата влада.

Каталонија е индустрискиот и туристички мотор на Шпанија, и во неа годишно се произведуваат меѓу 19 и 25 отсто од сите стоки и услуги. Во покраината живеат околу 7,5 милиони луѓе од кои милион се странци. Рахој минатата седмица побара од новата влада, кој и да ја состави, да го почитува шпанскиот устав донесен во 1980-те години по падот на диктатурата и воспоставувањето на демократијата во Шпанија, а кој предвидува референдум на целата територија на земјата, со што се попречуваат вековните тенденции на Каталонија, Баскија и Галиција за независност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.