Ѕвезда го шокираше Ливерпул, Интер извади бод против Барса

Во дербито на вечерта во четвртото коло од фазата по групи од фудбалската Лига на шампионите на милански „Сан Сиро“ Интер успеа да извлече бод против Барселона играјќи 1:1, а во Белград српскиот шампион Црвена ѕвезда го изненади фаворизираниот Ливерпул совладувајќи го со 2:0.

Барселона и во Милано петти натпревар по ред настапи без својот капитен Лионел Меси, и покрај настојувањата на домашниот Интер повторно беше подобар противник, создаде дузина одлични шанси кои не беа реализирани благодарејќи и на интервенциите на домашниот голман Хандановиќ. Барселона поведе дури во 83 минута со голот на Бразилецот Малком, кој минута претходно влезе во игра. Интер, кога се чинеше дека е во загубена позиција, од речиси никаква шанса успеа да дојде до израмнување по само четири минути, со голот на Мауро Икарди.

Тотенхем успеа да направи пресврт и да слави над ПСВ Ајндховен. Холандскиот претставник поведе веќе во втората минута преку Лук де Јонг, но Хари Кејн во 78 и 89 минута му ги донесе бодовите на Тотенхем.

Во Групата Б во водство е Барселона со 10 бодови, Интер има 7, Тотенхем 4 а ПСВ само еден бод.

Шалке на домашен терен беше сигурен против Галатасарај, со головите на Буршталер во 4 и Ут во 57 минута. Уште поубедлив триумф оствари Порто кој против московски Локомотив славеше со 4:1. Стрелци за домашните беа Ерера во 2, Марега во 43, Корона во 67 и Отавиот во третата минута од судиското продолжение, додека почесниот гол за московјаните го постигна во 59 минута Фарфан.

Во оваа Група Д води Порто со 10 бодови, Шалке има 8, Галатасарај 4 а Локомотив е без бодови.

Во Белград актулениот вицепрвак на континентот доживеа непријатно изненадување. Пред само две седмици Ливерпул на својот „Енфилд“ ја совлада Црвена ѕвезда со лесни 4:0, но вечерва беше шокиран од истиот противник со 0:2.

Ѕвезда поведе во 22 минута, кога по корнерот највисок во скокот пред голот на гостите беше Милан Павков кој со глава ја затресе мрежата на Ливерпул. Новиот шок го приреди истиот играч веќе во 29 минута кога одлично биеше од 23 метри за водство од 2:0. Во вториот дел играчите на Ливерпул го опседнуваа голот на домашните, но овие умешно се одбранија и дојдоа до најголемиот успех во поновата историја на клубот.

Во вториот дуел од оваа група на својот „Сан Паоло“ Наполи ремизираше со Пари Сен Жермен 1:1. Парижаните поведоа во втората минута од судиското продолжение преку бекот Жуан Бернат, а од пенал во 62 минута израмни Лоренцо Исниње. Пред две седмици исттите противници на „Паркот на принцовите“, исто така, играа без победник 2:2.

Во Групата Ц во водство се Ливерпул и Наполи со по шест бодови, ПСЖ има пет, а Црвена ѕвезда придонесе за зголемување на неизвесноста и сега има четири бодови.

Катастрофалната сезона на некогаш моќниот Монако, кој е и претпоследен во францускиот шампионат, продолжува и во најелитното континентално првенство со поразот од Клуб Бриж со 0:4. Интересно белгискиот претставник пред две седмици одигра дома 1:1 со клубот од кнежевството, но на гости тргнаа жестоко и веќе по 24 минути имаа водство во 3:0, со погодоците на Ханс Ванакен во 12 и во 17 минута од пенал, и на Весли во 24 минута. Конечниот резултат го постави Руд Вормер во 85 минута.

Атлетико во Мадрид славеше со 2:0 над Борусија Дортмунд, за која ова беше првиот пораз. Стрелци беа Саул во 33 и Антоан Гризман во 80 минута.

На табелата во оваа Група А сега се израмнети Борусија и Атлетико со по 9 бодови, Бриж има 4 а Монако еден бод.